Дискриминација и предрасуди: Дали скап смартфон те прави подобар човек?
Дали воопшто сте се запрашале колку се застапени дискриминацијата и предрасудите кај младите, а притоа да не се ни запознати со значењето на овие зборови.
Тие секојдневно се соочени со некој вид дискриминација и предрасуди , но не знаат како да ги препознаат и да реагираат, а да не зборуваме за оние кои биле жртви и не знаеле каде да се обратат за помош.
Уште од најмала возраст се среќаваат со овие поими,само колку примери имаме видено каде некое дете е отфрлено од групата само заради финансиската и материјалната состојба на неговото семејство, а тука спаѓаат скапите „играчки“. Денес најактуелни се смартфоните , таблетите и компјутерите на кои во најголем дел се играат игри . Оние со понови и поскапи уреди ги отфрлаат оние со послаби и постари. Да не зборуваме за брендираната облека и додатоци кои ги имаат некои деца кои со фалење ги омаложуваат другите деца. Ги отфрлаат, им се потсмеваат, а сите ние сме сведоци на уште многу вакви примери.
А да не зборуваме за онаа дискриминација кога си единствено дете во класот од друга религиска, национална или етничка припадност и тука се појавуваат тие предрасуди од кои децата автоматски те отфрлаат без да се потрудат да те запознаат, или доколку јазикот на кој се одвива наставата не е твојот мајчин јазик на секоја твоја ненамерна грешка ќе следи дофрлање и потсмев. Потсмев за изговорот, за промашената граматичка форма, или неупатеноста во деталите од животот на „мнозинството“.
Зошто да не ги учиме децата да ги почитуваат различностите да имаат поголема толеранција и на нив да гледаат од позитивна страна, доколку имаме пријатели кои припаѓаат на друга верска, етничка ,национална или било која друга припадност да гледаат на тоа како шанса да научат нешто ново од нив што можеби не го знаеле .
Или, да си зададеме една едноставна задача. Да ги замениме улогите како поединечна лична вежба. Еден ден да бидеме дел од настава на ученици кои учат на друг јазик. Еднаш месечно буквално да ги замениме чевлите, јакните и училшните ранци меѓу учениците по случаен избор во траење од еден ден. За религиозен, национален или домашен празник да отидеме кај соседот да видиме зошто и како се празнува. Да видиме што ќе дознаеме од другите и како ќе се чувствуваме. Дали можеби така ќе најдеме одговори за причините зошто едни се однесуваат на еден, а други на дру начин? Дали другото и поинаквото значи дека тоа нешто е полошо или помалку вредно или дека е само различно и исто така убаво, корисно и еднакво вредно?
Сите ние знаеме дека со себичност, потсмев, дискриминација и предрасуди нема ништо да постигнеме освен што ќе се изградиме како личност со негативни погледи кон светот.
Запомнете, светот ќе биде многу подобро место доколку сите меѓусебно си помагаме и се почитуваме и сите тие разлики не прават толку слични едноставно сме луѓе сите ние можеме да погрешиме, но мора да се потрудиме да ја исправиме нашата грешка и од неа да научиме некоја важна лекција.
Автор: Анамарија Ристевска, ученичка во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски-Питу“ – Прилеп.