Активирај се | Создадено од вас |

Додека ги чуваме средношколските права под тепих, не можеме да напредуваме

feat-img

Марко е средношколец, ученик во втора година во велешката гимназија, а кон крајот на минатата учебна година, заедно со негова соученичка, стана вицешампион на Европа во „Квизот на парите“. Со него разговараме за младите, за општествениот систем, за промените во образованието.

Несомнено е дека ниту едни други генерации како денешните средношколци немаат повеќе блогери, влогери и самопрогласени инфлуенсери. Секоја генерација, секој клас, можеби и секое друштво може да се пофали со некој таков. Но ниту една генерација, освен велешките средношколци во втора година во гимназијата „Кочо Рацин“, не може да се пофали со гениј како Марко Инѓилизов. А причини? Причините ги има многу, како што ги има и неговите таленти благодарение на кои се закитил со низа домашни и меѓународни признанија. Марко е вљубеник во правото, па со право можеме да кажеме дека е правник во изградба, обучува во невладини организации, а причината поради која го избравме тој да биде нашата „фаца на месецот“ во овој број од „Медиум“ е неговата титула: Европски вицешампион во „Квизот на парите“.

За што станува збор? „Квизот на парите“ е натпреварување кое го организира Европската банкарска федерација, а неговата цел е финансиска едукација и писменост на младите од 13 до 15 години. Овој настан се одржа кон крајот на минатата учебна година, на 7 мај, во Брисел и на него како финалисти учествуваа претставници од 28 европски земји. Македонија годинава за првпат се појави на овој настан, а Марко заедно со неговата соученичка Викторија Панова беа наши претставници. Таму тие го освоија второто место, со неколку бодови зад првопласираните претставници на Словенија. Зад нив, на трето место ги оставија врсниците од Германија. За да стигнат дотаму, Марко и Викторија прво станаа национални прваци во конкуренција на над 3.000 деца од основните и средните училишта на натпревар што го организираше Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народна банка, Министерството за образование и наука и Комисијата за хартии од вредност.

Медиум: Кој е Марко во училиштето и надвор од него?

Марко:  Марко во училиштето и надвор од него е дефинитивно една иста личност и верувам дека секој треба да биде иста личност и во својата работа или училиштето, бидејќи лицемерството е една од најпоразителните особини која, за жал, одликува многу личности. Инаку, Марко во училиштето е еден обичен ученик со своите проблеми, тестови и испрашувања.

Медиум: Каде ја гледаш својата иднина?

Марко: Кога зборуваме за иднината, скромноста е она што ни недостига во изразувањето. Кога зборуваме за иднината, сите зборуваме со пофални зборови и за тоа како ние се гледаме понатаму, што може, а и не мора да се исполни. Од сегашна перспектива, верувам дека би го завршил средното образование овде, исто како и додипломските студии, додека, пак, магистерските и докторските студии би ги продолжил некаде надвор. Во однос на професијата ќе оставам простор да се променат општествените и политичките случувања, верувам дека слепата правда е тоа што треба да нѐ води како нација.

Медиум: Дали во некои моменти чувствуваш анксиозност поради предизвиците кои ти ги поставува општеството?

Dodeka gi cuvame srednoskolskite prava pod tepih ne mozeme da napreduvame 1Марко: Анксиозноста не би требало да се спомн­ува кога се во прашање помладите генерации, неа треба да ја имаме во позитивна мера, ако може така да се изрази. Во однос на тоа дали чувствувам анксиозност пред важни случувања, би рекол не и би рекол дека сум нервозен. Но на почетокот од денот кога се подготвувам за сите настани, чувствувам притисок и стрес, бидејќи мене ми се дадени место и простор за кои некој друг се борел. Иако не верувам во среќа, во дадени моменти сум имал позитивна наклонетост на некои случувања и сето тоа ми создава притисок. За тоа какви се моите врсници, би рекол дека многу работи се ставаат „на срце“ и се обрнува внимание на небитни работи од секојдневието. Постои ерозија на моралните вредности во општеството и позитивните особини што треба да ја красат една млада личност полека исчезнуваат. Овде вината делумно ја префрлам и на семејството, како најважна општествена институција. Воопшто не ја префрлам на професорите во средното образование, туку на оние кои работат со деца од предучилишна возраст, бидејќи тие влијаат на градењето на една млада личност. Чувствувам позитивна трема, но верувам дека со труд и со напорна работа сите целиме кон нашите предизвици.

Медиум: Што би променил кај општествено-социјалните норми?

Марко: Би го променил општествениот систем, менталитетот би го сменил со промена на генерациите. Можеби ако сега дејствуваме врз образованието, резултатите ќе се видат за дваесетина години. Тоа се едни долгорочни инвестиции чии резултати се гледаат многу подоцна.

Медиум: Каква промена му е потребна на нашиот образовен систем?

Марко: Професорите треба да ги охрабруваат учениците, да има меѓусебна почит и разумност за некои постапки. Професорите треба да нѐ научат дека оценките се само бројка на парче хартија. За да завршите факултет не ви треба оценка од средно, ви треба многу знаење од таа област. Треба да знаеме дека додека ги чуваме средношколските права под тепих, не можеме да напредуваме. Треба да го поставиме образованието на незавидно ниво и да поставиме свои принципи. Не треба да пренесуваме и пресликуваме надворешни образовни програми како што беше програмата „Кембриџ“, која е сосема несоодветна на нашиот ментален склоп.

Медиум: За крај, што би им порачал на младите?

Марко: На младите би им порачал да веруваат во себе. Да знаат дека тие постојат за општеството и тоа за нив, дека тие треба да се докажуваат и покажуваат за своите квалитети. Ние сме носители на промените и од нас зависи иднината на оваа држава и нејзината перспектива.

Автори: Матеа Несторова и Меланија Стојанова, ученички во гимназијата СОУ „Кочо Рацин“, Велес