Активирај се | Создадено од вас |

Ерата на намерното незнаење

feat-img

Шампионите на игнорирањето го слават популистичкото отфрлање на сомнежот и ја величаат тврдината на фиксираните убедувања... Неопходно е спротивставување на заводливиот повик на незнаењето и потрага по вистината како морална обврска.

Аристотел некогаш рекол дека сите луѓе копнеат да знаат. Но, ако сме искрени, мора да признаеме дека исто толку силно копнееме и да не знаеме. Овој парадокс е стар колку и човештвото, но денес се чини дека негирањето на очигледните вистини е во пораст. Како психолошки вирус, тоа се шири неконтролирано, оставајќи го разумот немоќен.

Во нашиот современ свет, разумот често се отфрла како лукав маневар за прикривање на игри на моќ, или како самопрогласен „специјален пристап“ до вистината што овозможува изземање од критика. Толпи се собираат околу пророци на бесмислици и теории на заговор кои предизвикуваат ирационални постапки, па овој тип на размислување ги заглушува експертите. Во центарот на сето ова не се само наивните групи на луѓе, туку и влијателните елити — таканаречените интелектуални шампиони на игнорирањето — кои го слават популистичкото отфрлање на сомнежот и ја величаат тврдината на фиксираните убедувања.Што го поттикнува овој опасен тренд?Искушението да се посочат историски причини – војни, економски кризи, социјални потреси — е силно. Но, таквите објаснувања ја игнорираат подлабоката вистина: корените на намерното незнаење лежат во нас самите и во нашата борба да се соочиме со непријатните реалности.

Комфорот на незнаењето

Дали имате вујко кој верува дека вакцините предизвикуваат аутизам, но одбива да ги проучи истражувањата кои покажуваат дека се безбедни? Или, пријател кој избегнува информации за одгледувањето на животни во фабрика за да може без вина да јаде евтино месо? Или, извршен директор кој тврди дека неговиот бизнис е етички насочен, но не го истражува синџирот на снабдување за експлоатација на средината или на сиромашните граѓани?

Секој од овие примери претставува нешто што психологијата го нарекува намерно незнаење — намерен чин на избегнување информации кои ги откриваат негативните последици од нечии постапки. Сите ние имаме место во нашите животи каде што ја вртиме главата на другата страна и се преправаме дека сè е во ред. Тоа може да биде личен, политички или професионален пример, но веднаш под свесната површина, знаеме дека нашите постапки не се во согласност со нашите вредности кои ги пласираме пред другите.

Моралниот простор за маневрирање

Класичниот експеримент за проучување на намерното незнаење е познат како задача за морален простор за маневрирање. Го осмислил Џејсон Дана, доцент по маркетинг и менаџмент на Универзитетот Јејл. Учесниците се случајно распределени во улога на донесувачи на одлуки или клиенти. Донесувачот на одлуки добива избор: може да земе исплата од 5 или 6 долари. Ако ја избере исплатата од 5 долари, клиентот исто така ќе добие 5 долари. Ако ја избере исплатата од 6 долари, клиентот ќе добие 1 долар.

Кога истражувачот им ги дава овие информации, повеќето донесувачи на одлуки постапуваат алтруистички. Се откажуваат од малку поголемата исплата за себе за да му дадат повеќе на примателот. Во просек, само околу една четвртина од донесувачите на одлуки постапуваат себично. Но, оваа состојба на целосна информација е само контрола. Експериментот навистина започнува кога истражувачите стануваат помалку отворени.

Во експерименталната состојба, донесувачите на одлуки сè уште можат да избираат меѓу исплатите од 5 или 6 долари, но овој пат не им е кажано колку ќе добие примателот. Постојат 50-50 шанси примателот да добие 5 или 1 долар. Важно е што донесувачите на одлуки можат да го прашаат истражувачот колкава ќе биде исплатата за примателот, и тоа без никаква цена за нив. Со други зборови, додека донесувачите на одлуки започнуваат слепи за последиците од своите постапки, можат да ги „отворат очите“ ако сакаат.

Во оригиналното истражување на Дана од 2007 година, 44% од донесувачите на одлуки во експерименталната состојба избрале да останат намерно неинформирани и останале себични. Во сите студии опфатени во мета-анализата на овој експеримент, резултатите биле доследни: во просек, 40% од луѓето избираат да не ги дознаат последиците од своите постапки, а ваквото незнаење било поврзано со помалку алтруизам во споредба со оние кои се информирале.

Незнаењето како изговор

Истражувачите извлекле две можни хипотези за намерното незнаење. Прво, претпоставувале дека намерното незнаење може да понуди одличен изговор за непостапување на дарежлив начин. Ако една личност не ги знае последиците од своите постапки, според внатрешната логика, тогаш таа сè уште може да се смета за морално исправна личност, дури и ако одлучи да постапи себично. Намерното незнаење служи за заштита на човековиот имиџ за себе.

Втората можност е позната како „когнитивна невнимателност.“ Тоа значи дека луѓето не сакаат да размислуваат повеќе отколку што е неопходно. Ова може да произлегува од мрзеливост, недоволно внимание или неподготвеност да се одвои време за учење. Без оглед на причината, тие го преферираат брзото и лесното решение — дури и ако би постапиле алтруистички доколку биле информирани однапред.

За да го тестираат ова, истражувачите ги споредиле изборите на учесниците кои избрале да се информираат со оние кои дознале за последиците автоматски. Во сите студии, правењето алтруистички избор било за 7% поверојатно за учесниците кои избрале да бидат информирани за последиците.

Емоционалната цена на знаењето

Суштински, намерното незнаење е поттикнато од емоции. Потрагата по знаење не е само интелектуална; таа е длабоко поврзана со нашите желби и стравови. Барањето на вистината често бара соочување со сопствените недостатоци и предизвикување на нашите претходно утврдени убедувања. Овој процес може да биде понижувачки, па дури и болен. Но, исто така е и неопходен.

Зошто тогаш толку често се спротивставуваме? Затоа што признавањето на вистината бара напор. Тоа нè принудува да ги преиспитаме нашите претпоставки, да ги признаеме нашите грешки и да донесуваме потешки, но етички поисправни избори. Многу е полесно да се држиме до утешни илузии, да го отфрламе несогласувањето на новите информации и да го замолчиме гласот на сомнежот.

Што можеме да направиме за да го спречиме овој бран на намерно незнаење? Прво, мора да размислиме како ги поставуваме етичките одлуки. Вината и срамот се слаби мотиватори. Наместо тоа, треба да го истакнеме позитивниот ефект од информираните, алтруистички постапки. Треба да ги славиме успесите на глобално ниво, како обновувањето на озонската обвивка, за да инспирираме надеж наместо очај. Треба да ги нормализираме етичките избори, како вегетаријанските опции, без наметливи морални пораки. Над сè, мора да негуваме култура на љубопитност и храброст. Потрагата по вистината не е само когнитивна вежба; тоа е морална обврска. Предизвикајте се да погледнете надвор од зоната на удобност, да се соочите со тешки вистини со скромност и да му се спротивставите на заводливиот повик на незнаењето. Нашите животи — и светот — зависат од тоа.

Автор: Стефан Митиќ