Европска Суперлига vs. УЕФА и ФИФА
Ноќта на 18 април 2021, Флорентино Перез, претседателoт на фудбалскиот клуб „Реал Мадрид“, објави вест која го потресе фудбалскиот свет во Европа. Постигнат е договор помеѓу 12 богати европски клубови за формирање на ново фудбалско натпреварување – Европска Суперлига во која ќе учествуваат 20 клубови. Перез е избран за претседател на Суперлигата. Претседателот на „Јувентус“, Андреа Ањели и претседателот на „Манчестер јунајтед“, Џоел Глејзер се избрани за потпретседатели на Суперлигата.
„Ќе му помогнеме на фудбалот на сите нивоа да го добие заслуженото место во светот…Фудбалот е единствениот глобален спорт со повеќе од 4 милиони гледачи, па наша одговорност како големи клубови е да одговориме на желбите на навивачите“, изјави Флорентино Перез. За него „Суперлигата е спас на фудбалот“.
Извор: Report.az
Според соопштението на Европската суперлига, натпреварите е предвидено да се играат во текот на неделата, при што тие би продолжиле да играат во своите домашни првенства.
Во Суперлигата беше предвидено да учествуваат шпанските екипи „Реал Мадрид“, „Барселона“ и „Атлетико Мадрид,“ англиските „Арсенал“, „Челзи“, „Тотенхем“, „Ливерпул“, „Манчестер сити“ и „Манчестер јунајтед“, како и италијанските „Јувентус“, „Милан“ и „Интер“, три неименувани клубови и пет клубови кои би се квалификувале преку националните првенства.
12 основачи на Европската Суперлига. Извор: Report.az
Остри реакции, осудување и повлекување
Според Дојче Веле, светските и европските фудбалски организации, ФИФА и УЕФА, остро се спротивставија на проектот. Против искажа и организаторот на шпанското првенство „Ла Лига“.
Во заедничко соопштение, УЕФА, англиската, шпанската и италијанската фудбалска федерација ги предупредија клубовите дека им се заканува исклучување од домашните првенства и од Лигата на шампиони. Исто така беше кажано дека ова може да доведе до забрана за настап на играчите во сите натпреварувања на национално, европско или светско ниво, вклучувајќи ја и репрезентацијата.
„Ние ќе останеме обединети во напорите да го сопреме овој циничен проект“, се наведува во изјавата. УЕФА им се закани и на играчите од овие клубови дека нема да можат да ги претставуваат своите национални тимови.
Светската организација ФИФА изрази несогласување со проектот и ги повика сите страни „да водат мирен, конструктивен и балансиран дијалог“.
Според британскиот премиер Борис Џонсон, „клубовите мора да ги консултираат своите навивачи и пошироката фудбалска заедница пред да преземат натамошни чекори“. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, смета дека Суперлигата „ги загрозува принципите на солидарност и спортски постигнувања“.
Поради притисокот од британската Влада и револтот на навивачите, во рок од 48 часа, шесте англиски клубови решаваат да се повлечат од проектот наречен Суперлига. Потоа се повлекоа „Атлетико Мадрид“, „Интер“ и „Милан“. За 72 часа проектот Суперлига беше завршен.
На крајот останаа само „Реал Мадрид“, „Барселона“ и „Јувентус“. Останатите девет основачки клубови заедно требаше да платат казна од 15 милиони евра и 5 проценти од приходите на УЕФА за клупско натпреварување заработени во една сезона и да потпишат „Декларација за посветеност на клубот“ за да се реинтегрираат во УЕФА.
ЕУ презеде чекори за зајакнување на спортскиот модел со тоа што Советот усвои резолуција и Парламентот го поддржа извештајот во спротивставување на проектите во стилот на Суперлигата.
Судскиот процес
Откако трите екипи одбија да ја потпишат Декларацијата, решија формално да поднесат жалба до Трговскиот суд во Мадрид. Клубовите тврдат дека УЕФА и ФИФА имаат монопол на организацијата и овластувањето на меѓународните натпреварувања, повикуваат на трговското право и заштитата на правото на конкуренција.
Судот од Мадрид во јули 2021 ја спречи УЕФА да воведе санкции против клубовите основачи, а потоа и во јануари 2022 и наложи на УЕФА да се откаже од дисциплинските постапки против „Реал Мадрид“, „Барселона“ и „Јувентус“.
По сослушувањето на 1 април 2022, со нов судија, Судот од Мадрид на 21 април 2022 ја тргна забраната за санкции против основачите на Суперлигата. Одлуката ќе овозможи на УЕФА да преземе казнени мерки против „Реал Мадрид“, „Барселона“ и „Јувентус“. Според судијката Софија Гил Гарсија е „разумно и оправдано“ што УЕФА има контрола врз организацијата на натпреварувањето, што само по себе не е злоупотреба на доминантната позиција. „Разумно и оправдано“ според толкувањето на судијата, значи дека е потребна дозвола од УЕФА за формирање на алтернативни натпреварувања.
Случајот ќе продолжи во Европскиот суд на правдата на 11 и 12 јули 2022 кој ќе ги сослуша засегнатите страни, Суперлигата и УЕФА, за да реши дали Суперлигата е заштитена според европското право.
Image Courtesy: Barcelona, Juventus, Champions League, Real Madrid Twitter
Импликации од пресудата. Што понатаму?
Случајот околу Суперлига всушност опфаќа повеќе отколку само организирање на алтернативно натпреваруње. Работата околу компетиција во европското право наложува дека УЕФА и ФИФА, како монополи, всушност го ограничуваат правото на иновација според членот 101 од ТФЕУ.
Доколку Европскиот суд пресуди во корист на УЕФА, евентуалното санкционирањето на големата фудбалска тројка ќе стави на маса голем број прашања од институционален карактер. Најпрво, мора да се напомене како Европскиот суд не може да ја замени Eвропската легислатива за нешта поврзани околу организацијата на фудбалските институции на европскиот континент. Поради пасивната улога на ЕУ како регулатор, според спортскиот правен експерт Ентоан Дувал „иронично, Г12 може да предизвика реакција, што ќе доведе до поголем државен интервенционизам во фудбалот“.
Бидејќи во прашање се поголеми нешта отколку самиот спорт, во целата легална процедура преостанува социо-културниот фактор кој ќе биде решавачки за понатамошната реформа на најпопуларната игра во светот.
Случајот со Суперлигата остава поголеми прашања отколку одговори, дали фановите на едни од најголемите европски фудбалски тимови ќе се солидаризираат со „помалите екипи“ кои се финански понестабилни од нив. Во случајот со Суперлига се дискутира за огромната заработка за тимовите преку промовирање на ова алтернативно натпреварување. Или пак, УЕФА ќе се дрзне да ги санкционира трите клубови, само за да може да ја зацементира својата монополистичка позиција во европскиот фудбал?
Од друга гледна точка, може да ги земеме ставовите на потпредседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас кој наведува дека „Европа треба да ја претвори својата пост–Суперлига индигнација во јасен, практичен и долгорочен план за акција на европско ниво за заштита на оваа општествено вкоренета, отворена визија за спортот“.
Ваквата изјава на Схинас оди контрадикторно со неговата претходна изјава во италијанскиот весник Il Messaggero, каде што тој наведе дека „Европа со години го признава правото на (фудбалските) федерации и УЕФА да одлучуваат независно. Тие се тие кои ќе треба да најдат решенија за овој проблем“.
Што велат македонските познавачи на фудбалот?
Оваа ситуација можеби најдобро ја отсликува изјавата на поранешниот фудбалер и репрезентативец на Македонија, а сегашен претседател на Синдикатот на фудбалери во Македонија, Панче Ќумбев, дадена за Македонски Медиа Сервис.
„Јас сум генерално против оваа Суперлига. Фудбалот е за сите, а вака би било само забава за богатите клубови. Ако веќе ја критикуваме идејата за Суперлигата, тогаш треба да бидеме реални и да кажеме дека и УЕФА не е „цвеќе за мирисање“. Пренатрупан распоред на натпревари кои ги играат играчите во текот на една сезона е физички неиздржливо“, вели Ќумбев.
Филип Нацоски, уредник на спортската редакција на Офф.нет.мк, вели дека „има една парола која го отсликува денешниот фудбал: „Сиромашните го создадоа, богатите го украдоа“. Суперлигата или Лигата за богати ми наликува на дистанцирање од помалите клубови и еден вид приватна забава за профит. Таму никогаш не би се случиле примери, како: Порто да се бори за титула, Ајакс да го изненади Јувентус или Павков со Звезда да направи „земјотрес“ на Маракана против Ливерпул. А и во тоа е убавината на фудбалот“.
Нацоски вели дека е „за традиционален фудбал со примеси на модернизирање, онаму каде што е неопходно, како на пример новите технологии кои беа неизбежни и кои се користат и во други спортови“. „Тие можеа да се воведат и порано. Мислам дека УЕФА, а и ФИФА редно време е да работат на реформи со кои на некој начин ќе се заштитат фудбалерите, а не да ги интересира само пренатрупување со фудбал само за тој пусти профит“, смета Нацоски.
Недостатокот на европска регулатива кон УЕФА, не само што овозможи богатите клубови да ги диктираат правилата на игра, туку го стави во прашање опстанокот на фудбалот на европскиот континент. А, за пресудата на Европскиот суд, евентуалните санкциите на УЕФА, во тој случај тука само губат фудбалските фанови. Проблемот околу опстанокот на оваа „убава игра“, останува да се реши во иднината.
Автори: Стефан Крстевски и Кирил Мицковски
Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.