Филм на средношколците од Гевгелија доби меѓународна награда
Филмот за бегалците што го снимија средношколци од клубот „Јоска“ при средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија ја доби престижната награда „Плурал плус Балкан 2016“ (Plural+ Balkan 2016). Наградата ја добија во рамките на интернационалниот видеофестивал „Плурал плус“ (Plural+), во категоријата за средношколци од 13 до 17 години, на алијансата на Обединетите нации на цивилизациите и на Меѓународната организација за миграции.
Името на филмот е „Граници“ (Borders), снимен е на англиски јазик и обработува тема од бегалската криза и ситуацијата на децата во услови на мигрирање. Во негова конкуренција биле околу 400 филма испратени од целиот свет, а доделувањето на наградите, како што нѐ информираа, ќе биде на свечена церемонија во Њујорк наредниот месец, од 21 до 28 октомври.
На „Граници“ работел тим од шест средношколци, а тоа се Васко Трајков, Филип Аблаков, Матеј Аврамов, Стефан Шапкарев, Сретен Илиев и Лазе Раманчев, а во улогата на ментор и монтажер бил професорот Тони Аврамов.
Со освојувањето на наградата истата екипа доби можност и следната година да учествува на меѓународниот проект „Данјуб пис боат 2017“ (Danube Peace Boat 2017), како и на „Пис литераси проџект“ (Peace Literacy Project) и на „Данјуб вејвс арт академи“ (Danube Waves Art Academy).
Фестивалот „Плурал плус“ претставува иницијатива која вклучува мрежа од над 50 партнерски организации што ги поддржува напорите на креативните млади луѓе и ги дистрибуира нивните видеа од целиот свет.
Овој меѓународен натпревар се одржува од 2009 година и досега на него имало речиси 1.300 учесници од 90 земји. Покрај категоријата за средношколци, награди се доделуваат и во категорија за возрасни групи.
Т.А.