Активирај се | Создадено од вас |

Фотографијата ги чува моментите од исчезнување

feat-img

Димитар Новаков е момчето кое со својот објектив ја менува перспективата на гледање на објектите и на природата. Неговите фотографии докажуваат дека Гевгелија ја има во сите бои. Новаков почна да ја освојува македонската фотосцена со својата творечка инвентивност и креирање на исклучително естетски визуелни решенија низ реалистичните фотографии, како и со мали примеси во употребата на магијата на електронската трансформација и тансмутација кај одредени фотографии.

Кога за првпат се заинтересиравте за фотографијата?

Можеби при појавата на телефоните со камера. Но, главен интерес ми се појави пред точно 10 години кога го купив и мојот прв ДСЛР апарат инспириран од еден мој другар и можностите на неговиот апарат. Оттогаш па до денес интересот сè уште расте.

Кој е Вашиот омилен стил на фотографија?

Имам неколку омилени: пејзажна, концептуална, улична, свадбена фотографија и фотоманипулации.

Што најмногу Ве инспирира во вашата работа?

Ме инспирираат секојдневни приказни и случувања, убавините на природата околу нас, како и радоста и разновидноста на емоциите на луѓето кои ги фотографирам и со кои комуницирам. Исто така, ме инспираат и другите уметности, можеби најмногу музиката.

Која е Вашата омилена опрема за фотографирање?

За различни намени има и различна соодветна опрема за фотографирање. Омилена ми е кога е наједноставна, односно кога се состои од еден апарат, еден објектив и ништо друго. Тогаш можеби најмногу може да се посветам на околината и на тоа доживувањето да е

најголемо, па да го пренесам најдобро што можам. Колку е покомплицирана опремата, толку одзема повеќе енергија.

Дали има некој проект на кој што сте особено горди?

Нема еден, туку тоа се повеќе проекти кои ми се премногу драги. Би ги навел изложбите како едни од омилените. Проектот ДИВЕРЗИЈА има огромна популарност, не само во Гевгелија, туку и пошироко. Како дојдовте до идеја за снимање и презентирање на таков тип на хумор? Идејата си дојде од ведро небо, од сосема случајно и кратко комично видео излезе доста голема работа. Дури не ни размислувавме за тоа, туку едноставно тоа ни е секојдневие и начин на комуникација, а исто така и начин на решавање проблеми и надминување тешкотии. Инспирацијата е главно од гевгеличани, па и македонски и балкански менталитет на луѓето. Ние само го пренесуваме на малку обработен начин, а некаде, ако е можно и да ги натераме да размислат за нивните недостатоци.

Кои се најголемите предизвици како фотограф?

Најголеми предизвици се да се стаса секаде. Да се направат, да се средат и да се достават сите проекти на време. Па потоа да се остане концентриран во текот на целиот настан, да се „подеси“ најпрво умот па и опремата во согласност со темата на која се фотографира. Да се најде време за учење на новитети поврзани околу фотографијата, а и нешто најважно – да се најде време за одмор и не правење ништо.

Што би нè советувале во врска со Вашата кариера?

Работете го она што вистински го сакате. Ако го започнувате денот и ви е мило што денес го работите токму тоа или ако дури после 10 години (во мојот случај) ја има возбудата за некој сегашен или иден настан поврзано со тоа, тогаш тоа е вистинското мерилото за успех. Освен тоа, мора да се биде константен и во квалитетот, важна е точноста, навременото извршување на задачите и професионалниот однос кон сите. Исто е важно да сте расположени за учење нови работи, посебно ако работата ви е поврзана со нови светски трендови и нови технологии.

Како ги обработувате фотографиите затоа што многу често гледаме фотографии кои се „монтирани“, но пленат со својата оригиналност?

Фотографиите кои се монтирани ги работам во Фотошоп. И тој процес се состои, најпрво, во создавање и дообработување на идејата во главата или некоја груба скица на хартија, па планирање за полесно собирање на потребните елементи за тоа дело. Потоа се размислува околу светлината која мора да биде иста на секоја посебна фотографија за кога ќе се спојат да изгледа најреално можно. Во зависност од сложеноста на делото, бројот на фотографии кои треба да се комбинираат и цртање на рака на некои елементи, делото се обработува од два дена до неколку месеци.

На 12 декември годинава во театарот во Гевгелија Димитар ќе одржи нова изложба на свои фотошоп дела.

Автори: Новинари: Сандра Еленска и Сара Јованова, ученички во СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија