Активирај се | Создадено од вас |

Гласот на младите

feat-img

Анастасија Јуруковска, СУГС „Никола Карев“, Скопје

Образованието, како и се` останато, треба  да еволуира кон подобро. За да се направи тоа успешно, единственото и главното нешто кое треба да не` води е слободата на учениците креативно да се изразат. Се разбира дека ние ја имаме таа можност, но за нашите искрени идеи да испловат на површината, начинот на кој пристапуваме ќе го промени и крајниот резултат.

Како витален орган во едно тело, компромисот треба да е таков во образовниот систем. Тоа е затоа што покрај потребата на наше усмерување и подобрување, односно образување, исто така е важно да ни се даде доверба. Моментот кога нашето мислење е вреднувано и имаме шанса да се покажеме како „вистински граѓани”  е тој кој ќе направи секој следен  чекор да го земаме со поголема тежина, бидејќи согледуваме дека нашите постапки ги носат последиците.

Кога би биле свесни дека нашето мислење ја менува сегашноста, би работеле на подобрувањето на себе си. Едноставно, помагањето  од страна на нашите професори и активирањето на потсвесниот притисок за личен развој, подеднакво присутни, би создале граѓани кои зрачат со самодоверба и имаат храброст да поттикнат промена.

Знаеме  колку е важно нашиот глас да биде слушнат и колку може да се искористи во подобрување на целиот систем. Кога нашите фигури на авторитет и ние би оделе во ист правец, нашата соработка би се зголемила толку многу што не би работеле против, туку со системот.

Искуството можеби е клуч за многу моменти во животот, но за институција како што е училиштето, колку што помага толку и одмага. Не треба сосема да се предадеме само во негови раце, туку да го измешаме со отворениот ум . Тоа е оној пристап кој најблиску ќе го имитира тој на младината.

Се вели  „Човекот учи додека е жив.” Но, не и од кого и што. Така, не треба да се потценува ничие мислење, разбирање и гледање на светот. Со секој чекор кон компромис и здрава средина за работа, улогите на ученик и професор можеби нема да бидат толку истакнати но ќе имаат многу поголем придонес отколку од оној сега.