Активирај се | Создадено од вас |

Го сакаме македонскиот јазик

feat-img

Мариела Клековска, СУГС Гимназија „Георги Димитров“ – Скопје

Пред повеќе од еден век, преродбеникот Крсте Петков Мисирков рекол: „Да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси“. Кога се смета во историски рамки, еден век и не е така многу време за да се заборават неговите зборови; а заборавиле или не научиле, и помладите, но и некои од постарите.

Помладите немаат чувство дека некој некогаш тежнеел и имал сон за слобода на изразувањето. Меѓу постарите сепак има и такви кои ги паметат приказните на своите најблиски за борбата што нивните татковци и дедовци морале да ја извојуваат за да го кажат зборот што го чувствуваат за свој, мајчин, најблизок.

Кога зборувам со баба ми или друг постар човек, може да се случи да не разберам некој нивни збор, архаизам. Се случува, исто така и таа да не разбере или два пати да потпраша за некој израз што ние младите го употребуваме. Нејзините архаизмите се во најголем број турцизми или изрази увезени од сите пропаганди што ги остреле канџите над Македонија, а нашите сегашни изрази, ако искрено подразмислам може да се и помодарско потклекнување на некои актуелни трендови. Едноставно, кога сите така зборуваат, полесно е човек да го следи трендот и да се приклучи кон мнозинството.

Јазикот е жива материја, постојано трпи прилагодување, нормално е да се воведуваат нови зборови, но неговата сила мора да остане во едно јадро, во сржта што го чува идентитетот на Македонците. За жал не само младите, туку и медиумите како се повеќе и повеќе да задираат во таа срж. Странските изрази станаа секојдневие од кое не може да се избега. Некои изрази едноставно не умееме да ги кажеме на македонски.

Што стана телевизијата? База на турски серии од кои се профитира или пак слобода на вулгаризми на политичките партии. Реткост е да се види добар македонски филм.

Слична е состојбата и со македонските радио програми. Да се биде спикер, порано значело да се има изговор за восхит. Презентери биле само оние кои правилно зборуваат, имаат убава интонација и дикција. Денес, македонскиот јазик и борбата за идентитет се слизнуваат на домашен терен. Ако нашите стари морале сосила да го прекршуваат јазикот со туѓи изрази и сепак, да не го заборават своето, зошто ние доброволно да го користиме туѓото и да ни биде тешко да најдеме израз за своето? Тоа постои, тука е, само треба малку напор да му се доближиме и да го допреме.
Како што физички ги наследуваме телесните особености од родителите, така во свеста и душата одѕвонуваат зборовите и мислите искажани на јазик што е наш, и со кој може да се поистоветуваме. Подоцна секој може да изучува повеќе јазици, но само за еден ќе каже дека е мајчин и тоа е неговата идентификација. Човекот не е компјутер, па едноставно да му се смени програмскиот јазик.