Активирај се | Создадено од вас |

Хјустон, имаме проблем!

feat-img

д-р Тамара Ќупева

„Јавна соба“ и јавните арени во Капиштец се крајно сериозна и алармантна порака дека учениците се заглавени и заборавени меѓу оправдувањата дека некој друг е виновен за овие девијалции. Двата случаја на автентичен начин го одразуваат македонското семејство, училиште и општество. Ние сме соочени со национален проблем. И не треба да го игнорираме.

Не поминаа ни две недели од големиот настан на двајцата славни јутубери во Мајами, а во скопски Капиштец ја видовме неговата реплика. Се разбира, димензиите се неспоредливи, но моделите и ефектите на оваа масовна Јутуб култура се препознаваат и на овие наши, локални простори.

На 30 јануари годинава, повеќе од еден и пол милион тинејџери го следеа во живо долгонајавуваниот бокс натпревар меѓу Џејк Пол (Jake Paul) и Енисон Гиб (AnEson Gib), англиска Јутуб – ѕвезда, познат по видеата во кои коментира различни видеоигри.

Џејк Пол пак, е еден од најголемите имиња во светот на јутуберството. Има 22 години и над 36 милиони следбеници на Јутуб, Инстаграм, Тик Ток и Твитер. Секогаш го поврзуваат со неговиот постар брат, Логан Пол (Logan Paul), исто така, славен јутубер. Кариерата ја започнаа со објавување влогови со смешни коментари за банални секојдневни ситуации, но и со неколку контраверзни видеа кои предизвикаа лавина спротиставени реакции.

Џејк и неговиот брат Логан Пол (кој веќе учествуваше во иста ваква боксерска Јутуб – сензацијa) ја симболизираат новата култура меѓу јутуберите, којашто прераснува во нов тренд на оваа мрежа. Масовноста на активни гледачи на нивните натпревари во бокс, од забава и за наводна пресметка меѓу ривали во популарноста, се потврдува како успешна маркетинг – техника за поголема гледаност и секако, за милионска заработка.

Овие појави покажуваат дека технологијата станува центар на управување со влијанија и создава специфични модели на однесување, посебно кај најмладите. Нејзиниот развој ќе продолжи со креирање нови, невидливи и посовршени форми со моделите на вештачката интелигенција.

Каде е местото на македонските ученици во оваа глобална приказна?

Искуствата со „Јавна соба“ и насилството на отворениот ринг во центарот на Скопје (со физички претплатници за гледање бокс натпревар во живо), на најавтентичен начин го одразуваат македонското семејство, училиште и општеството во целост. Секој од овие случаи, го потврдува огромниот, непремостлив генерациски јаз меѓу возрасните и децата и уште повеќе, комплетното отсуство на најважните фактори за нормален психолошки развој на децата.

Ние сме соочени со национален проблем, затоа што целиот контекст на постојани промени и настани низ годините наназад, ја релативизираа потребата од едукација и интеграција на глобалните мерки за заштита на децата.

Општествената матрица е непроменета, затоа што неа ја одредуваат целосно исполитизираниот секојдневен живот и отсуството на општествен ред и правила на однесување. Емоционалната клима, неопходна за здрав развој на децата ја создаваат презафатени родители (нема да употребам друг збор, за да не бидам погрешно разбрана) и целосно апатични и демотивирани наставници.

Ова е, накратко, физичкиот и емоционалниот контекст во којшто се обликуваат овие „критични“ генерации деца.

И „Јавна соба“ и јавните арени во Капиштец се крајно сериозна, алармантна порака дека македонските ученици се заглавени и заборавени меѓу нашите оправдувања дека некој друг е виновен за овие девијации. Тие се последица на системот на нашите грешки и непоправливи лични и општествени постапувања.

Сите овие појави нѐ предупредуваат дека е потребна итна иницијатива за промена на наставните програми и учебници, но и на системскиот пристап кон децата од сите засегнати поединци и институции.

Досегашните примери, најдиректно укажуваат на потребата од преземање неколку клучни мерки и тоа:

  1. Креирање актуелни, отворени наставни содржини и учебници што ќе бидат промотори на позитивни примери и вредности;
  2. Вклучување на медиумската писменост во основните образовни нивоа, за создавање генерации што ќе развиваат критичко мислење и однос кон медиумите. Генерации коишто од најмали ќе бидат запознаени со начинот на функционирање на социјалните мрежи и алатките за заштита на приватноста на личните профили;
  3. Афирмација на теми за сексуално образование, но сфатено пошироко, како знаење за физичкиот, психолошкиот и пубертетскиот развој и промените што доаѓаат како последица на тој процес. Образование што ќе значи запознавање со основните факти за семејството и односите, за културата и родот и секако, за сексуалното и репродуктивното здравје на младите;
  4. Професионален развој на наставниците за горенаведените теми;
  5. И конечно, креирање различни форми на едукација на родителите, особено во делот на помош во социјалниот и психолошкиот пристап кон децата.

Промените се неопходни, а процесот на соочување со првите резултати е неизбежно долг. Ова е единствен начин за промена и на културата и на менталитетот, затоа што токму тие ги создаваат најголемите социјални и културни бариери, поради НЕЗНАЕЊЕ и страв од различното. Нашето бавно освестување треба да фати ритам со светот што се движи со брзина на технологијата којашто секојдневно создава нови предизвици во сите аспекти на современиот живот.

Тамара Ќупева е долгодишен истражувач од областа на образованието и комуникациите. Професорка, доктор на филолошки науки од 2010 година, автор на десетици стручни трудови и книги („Креативната настава и текстот“ и „Педагошка комуникација“). Во 2018 година го заврши студискиот престој во САД, во рамки на програмата SUSI. Долгогодишен соработник е на Институтот за комуникациски, средношколскиот весник „Медиум“ и Македонскиот институт за медиуми. Таа е и ментор по практична настава на студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.