Активирај се | Создадено од вас |

Игор Алексовски: Другар ме „издаде“ дека знам да бранам

feat-img

За првпат некоја македонска репрезентација ќе го почувствува теренот на едно големо официјално натпреварување. Фудбалерите на Македонија до 21 година се пласираа на Европското првенство во Полска наредното лето.

Ова беше повеќе од доволна причина во овој број од „Медиум“ оваа рубрика да ја резервираме за голманот Игор Алексовски. За очекувањата од настапот, за тоа како другар од клубот го „издал“ дека знае да брани, па станал голман, како и за неговите средношколски денови и „жртвувања“ за фудбалот, се само дел од темите за кои разговаравме со македонскиот репрезентативец.

FACA NA MESEC Igor Angelovski 01фСо пласманот на Европското првенство во фудбалската јавност владее вистинска еуфорија. Каква е сега атмосферата во репрезентацијата по оваа временска дистанца? Ве држи ли уште еуфоријата?

Секако дека сега атмосферата е на највисоко можно ниво. Навистина направивме голема работа, нешто што на никој претходно не му успеало, но не смее сега да нѐ фати еуфоријата. Иако има време до Европското првенство, треба да се спуштиме, да работиме во своите клубови и да го даваме својот максимум како и досега, на секој тренинг, на секој натпревар.

Македонија на Европско првенство. Колку верувавте во ова пред почетокот на квалификациите и за време на нив?

Па најмногу во вакво нешто веруваше нашиот селектор Благоја Милевски. Тој уште од првиот собир на пријателските натпревари беше убеден и веруваше дека можеме да се пласираме. Како поминуваа натпреварите така почнавме и ние да веруваме во тоа и на крајот успеавме.

Има ли нешто што се смени во репрезентацијата, а беше клучно за овој успех?

Па, единственото нешто што се смени беше менталитетот. До доаѓањето на новиот селектор секогаш се гледало како да не се изгуби, но оттогаш секогаш гледаме како да победиме на натпреварите. Се создаде одлична атмосфера, сите во репрезентацијата сме како браќа.

Можеби е сѐ уште рано да се зборува за тоа, но имате ли поставено цели за Европското првенство? Кои се твоите очекувања?

Секако дека имаме цели. Нашата цел е да го освоиме, но одиме натпревар по натпревар, односно прва цел ни е да се победи првиот натпревар. Во врска со очекувањата можам да кажам дека ќе го дадеме својот максимум како и на секој натпревар досега и одиме во Полска да се надигруваме со најдобрите во Европа.

FACA NA MESEC Igor Angelovski 02фКако започна твојата фудбалска приказна и зошто токму голман?

Откога знам за себе, уште од мал го сакав фудбалот и не се одделував од топката. Започнав да тренирам на деветгодишна возраст во Македонија Ѓорче Петров, односно веќе тренирам 11 години. А голман сум сакал да бидам отсекогаш. Често бранев во маало и добро ми одеше. Но кога започнав да тренирам во клубот бев играч сѐ додека не се случи на еден натпревар кога немаше голман, еден другар да ме „издаде“ на тренерот дека знам добро да бранам.

Кој е твојот идол и во кој клуб би сакал да браниш?

Мојот идол е Петр Чех, а за клуб, се разбира, Челси. Тој е за мене најдобриот клуб во светот и клуб во кој отсекогаш сум сакал да играм.

Можеш ли да издвоиш одбрана која најмногу ќе ја паметиш, како и примен гол за кој најмногу жалиш?

Како најдобра одбрана ќе ја издвојам против Шкотска на гостински терен. Кога уште на самиот почеток од натпреварот противничкиот играч силно шутираше од 20 -25 метри и јас со прекрасна парада успеав да ја исфрлам топката во корнер. Најмногу жалам за сите 3 примени гола на натпреварот против Динамо Загреб во Лигата на шампионите, бидејќи имав деби натпревар за Вардар и многу сакав да се докажам и да поминеме понатаму.

Колку тренинзите и обврските околу фудбалот знаат да бидат напорни? Што сѐ жртвуваш за да можеш да се посветиш на фудбалот?

Мислам дека не е толку напорно, бидејќи го сакам фудбалот и задоволство ми е да го играм. Секако, постојат работи за кои треба да се жртвуваш уште како мал за да можеш максимално да се посветиш на фудбалот, но тоа за мене не претставувало и не претставува проблем.

Што правиш во слободното време?

Јас сум максимално посветен на фудбалот, но кога имам слободно време сакам да си го посветам на себе, сакам да одморам, да отидам некаде на прошетка во природа, да им посветам внимание на моите дома. Исто така, често играм и „Фифа“. Излегувам со другарите на кафе, но доста време одвојувам и за мојата девојка која, воедно, е мојата најголема поддршка во животот. Доаѓа на секој натпревар да ме бодри, секогаш е тука за мене и многу ми помага.

FACA NA MESEC Igor Angelovski Foto Darko Andonovski Nova MakedonijaфКога другите одеа на екскурзии и излегуваа, јас останував дома

Бидејќи како средношколец учел во средното фискултурно училиште „Методи Митевски-Брицо“, Алексовски вели дека немал проблеми да ги координира обврските околу училиштето и фудбалот. Меѓутоа, признава дека професионалното играње знае да „украде“ мигови од средношколскиот живот.

– Често пати не одев на екскурзии поради тренинзи, кога сите излегуваа навечер по дискотеки и на забави јас останував дома, спремајќи се за утрешниот натпревар. Но тоа се работи за кои не жалам, бидејќи јас така избрав – раскажува тој.

Од средно, вели, најмногу ќе ги памети дружбите и сите лудории што ги поминал заедно со другарите, додавајќи дека тоа се години кои никогаш нема да ги заборави.

На денешните средношколци спортисти, пак, им порачува да веруваат во себе и да го даваат максимумот.

– Да веруваат во своите соништа и да не се будат сѐ додека не станат реалност. Јас имав таков сон да бидам на едно големо европско натпреварување, верував во тоа и сега сонот стана реалност. Да не се задоволуваат со тоа што го направиле, секогаш да поставуваат сѐ повисоки и повисоки цели, бидејќи само така може да се успее – порача Алексовски.