Активирај се | Создадено од вас |

Имаме сѐ повеќе медиуми, а сѐ помалку вистина

feat-img

Со развојот на технологијата, пристапот до медиумите и информациите што ги нудат е многу брз и лесен. Како поранешен новинар, а сега професор, на часовите за правопис, правоговор, публицистика,  со учениците релативно често разговараме за новинарството. Иако мали, учениците почнуваат да распознаваат што е точна, а што лажна или претенциозна вест. Од самиот наслов или помпезна најава може да се заклучи дали новинарскиот прилог некого ќе воздигне или ќе  понижи..та нели во секое црно има и бело и во секое бело има црно? За жал, имаме сѐ помалку реални вести.

На часовите посветени за вежби, учениците ги ловат грешките на медиумите. Најмногу дискутираат за непочитувањето на акцентските целости, членувањето на зборовите, неправилниот говор и правопис. Забелешки имаат и на говорот на телото на новинарите и на претераните гестикулации. Упаѓањето во збор за време на дебати е посебна приказна, особено кај соговорниците, иако некогаш упаѓањето на водителот е потребно, за дискусијата да не отиде во друг правец. Во дел од дебати, кога има спротивставени страни, се случува новинарот да биде наклонет кон некоја страна, тоа се гледа и чувствува по начинот на кој ги поставува прашањата, упаѓањата во збор, па дури и по интонацијата на гласот.

Многу често веста, информацијата е прикажана на начин на којшто новинарите, односно медиумската куќа би сакале јавноста да ја перципира.

Младите генерации, учениците  со поголема застапеност на медиумска култура во дел од училишните предмети, средби со професионалци од областа на новинарството, со организирање на работилници за медиумско описменување, се на добар пат  еден ден да речат стоп на необјективноста и манипулацијата во информирањето. Опкружени сме со огромен број на интелектуалци кои ќе ви речат за медиум кој самиот себеси се декларирал за (на пример) опозициски, дека баш тој медиум за нив е најобјективен. Логика?

Од еден настан може објективно да се информира, но може и да се аплаудира и да се плука.

На крајот од краиштата не е објективна вест онаа која што ти сакаш да ја слушнеш и тебе ти одговара да биде токму така напишана.

Очигледо е дека на луѓето, младите им се потребни нови вештини и знаења за да можат да се справат со  напливот на медиуми и информации и хаосот кој тие може да го предизвикаат.

Со медиумското описменување кај младите луѓе ќе се зголеми свеста за големиот број форми на медиумски пораки, препознавање на вистинските информации, идентификување на заблудите и развивање на критички однос кон медиумските содржини.

Што бараат учениците од битолската Гимназија „Јосип Броз Тито“?  Сакаат медиумската писменост  да биде пошироко застапена во програмите за работа по повеќе предмети, да имаат средби со професионални работници од различни медиуми, да бидат едуцирани преку работилници каква што беше неодамнешната, организирана од Високата школа за новинарство.

Соња Живковиќ-Ѓоргиевска,
професор по Македонски јазик и литература во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Битола