Интернетот и социјалните мрежи се гласот на младите
Бранот промени кој ја предизвика и сеуште ја предизвикува дигиталната револуција, неизбежно се пренесува и на навиките и социјалното однесување на тинејџерите во Македонија. Иако овие промени се евидентни и потврдени од медиумската индустрија, академска јавност, комуниколозите и луѓето во образовниот систем, сепак во земјава нема некое референтно национално истражување кои ги ги нотирало ваквите промени и влијанија, како што на пример тоа се прави во другите земји во Европа.
Последно такво истражување е она на Младинскиот отворен форум (МОФ) „Млади и медиуми“, спроведено во 2013 година. Заклучоците во него го потврдуваат нагорниот тренд на употреба на нови медиуми, односно дека Интернетот на младите во Македонија им служи пред се за едукација и информирање, а дури потоа за забава и комуникација. Тие ги претпочитаат новите медиуми, наспроти традиционалните, радио и весник, кои им се вон видното поле.
-Јас и моите пријатели најчесто ги користиме Фејсбук страниците за комуникација, објавување и читање новости. Ретко тоа го правиме преку традиционалните медиуми. Едноставно полесно е преку телефон да се вклучиш на Интернет, да прочиташ она што те интересира или да напишеш статус, искоментираш нешто… Тоа речиси е невозможно во останатите медиуми како што се телевизиите или весниците. Порталите исто така ни се достапни, па често пати ги бираме оние кои се од наш интерес и кои нудат спорт, забава, мода и слично – вели Тони Трпчевски, средношколец од Куманово.
Традиционалните медиуми се вон видното поле на младите
Според податоците добиени од истражувањето „Млади и медиуми“, најкорисен медиум за сите активности младите го сметаат Интернетот, и тоа, за едукација (77%), информирање (75%), забава (66%), комуникација и промоција (60%), добивање членство во групи и изразување (58%), регрутирање (58%) и активизам и мобилизација (55%). Традиционалните медиуми котираат далеку пониско.
Дарко Булдиоски, експерт за нови медиуми, вели дека младата популација, новите медиуми, ги користи најчесто за директна комуникација, па оттаму и заклучокот дека во 2016 година, тренд е дека тие служат како различни сервиси за размена на пораки, т.н. чет апликации.
-Ги користат повеќе од просекот, односно од останатите, барем по претпоставка зaшто скорешно релевантно истражување не сум сретнал. Никој не ги избегнува намерно класичните медиуми. Тие едноставно не им се во видното поле на младите, не чувствуваат потреба, затоа што не се информираат од таму, па соодветно и кога треба да пренесат некоја порака тоа го прават онаму каде се чувствуваат комотни и каде се наоѓа нивната целна публика – изјави Булдиоски за „Медиум“.
На прашањето-„Колку младите се информирани за можностите за учество во процесот на донесување одлуки, колку ги знаат своите права и учествуваат во јавниот живот, тој вели дека само треба да ги погледнеме протестите, дискусиите на социјалните мрежи и ќе забележиме дека младите луѓе се тука, не се надвор од системот. Само се во оној дел во кој се уште не ја изгубиле комплетно довербата.
На иста линија е и Тамара Ќупева, професорка во скопската гимназија „Орце Николов“ според која социјалните мрежи се еден мал личен медиум на младите луѓе.
-Тие своите ставови, несогласувања, визии, цели и идеи најчесто ги пишуваат, ги соопштуваат на јавноста, токму преку овие социјални мрежи. Преку текст, слика, музика, коментар, песна го соопштуваат она што го мислат. Често пати ги избегнуваат официјалните интернет страници или класичните медиуми за информирање и комуникација-смета Ќупева.
Во тој контекст, интернетот, социјалните мрежи, блоговите, во иднина остануваат главни медиуми кои што ќе бидат користени пред се од младата популација.
Средношколскиот пленум како модел
Примери за користење на интернет комуникациите за формални и неформални организирања е Средношколскиот пленум. Инволвираните во ланските активности, велат дека младите тинејџери се дигитална генерација и знаат да ги користат интернет медиумите и за аргументирани ставови кои допираат и до поширока публика за разни општествени прашања, а не само за забава.
– Во претходната година, забележавме дека средношколците почнаа да се организираат и јасно, гласно и аргументирано да го искажуваат својот став. Ова е суштинска разлика од претходно, каде често немаше никаква организација која се грижи за работите од интерес на средношколците, а кога ќе имаше, нивниот став не беше добро артикулиран и аргументиран. Се на се, гледаме вистинска позитивна промена која што ја направи оваа генерација на средношколци, а придобивките од тоа ќе ги почувствуваме и во иднина. Младите не се толку блиски со конвенционалните медиуми – телевизијата, радиото, весниците. Тие се дигитална генерација и комуницираат на социјалните мрежи преку интернет. Свесно или несвесно, младите навистина умешно ги користат тие медиуми за да ја покажат својата приказна, често на алтернативен начин, преку видеа, слики, мемиња, нешто што е невозможно на конвенционалните медиуми – вели Дарко Малиновски.
И Теано Кардула, член на Средношколскиот пленум смета дека првото поактивно вклучување на младите се покажа токму преку овој Пленум, кој се појави како недостаток на активна средношколска организација.
– Организацијата на Средношколски пленум започна на социјалните мрежи со цел да се контактираат што поголем број на млади од сите помали места во Македонија. Нашите барања најмногу се промовираа на Фејсбук и Твитер каде ни беше сконцентрирана таргер групата. Исто така се пренесуваа информациите и преку многу интернет портали и 2-3 телевизии, кои покажаа интерес нашето дејствување да биде прикажано на пошироката јавност. За привлекување на вниманието користевме разни видеа, фотографии, герила акции, ги следевме и актуелните интернет шеги како мемињата (memes) со цел да се приближиме што повеќе кон нашата целна група -раскажа Кардула.
Неопходна е проактивност на тинејџерите за младинско информирање
И покрај тоа што постојат тела (Националниот младински совет, средношколски заедници, Средношколски пленум), сепак изостануваат формалните процедури на нивно вклучување, изјави Сања Божовиќ од МОФ, една од организациите во Македонија која го третира прашањето за младинско информирање и активизам. Според неа, процесот на вклучување на младите и донесување на одлуки е се’ уште на незавидно ниво и може да се заклучи дека се уште е потребна голема работа и посветеност на овие прашања.
-Потребна е едукација на сите млади кои ќе може да ги осознаат своите права и да се активираат во општествениот живот за да ги учествуваат во донесувањето на одлуките во општеството. Но покрај младите, особено треба да се фокусираме и на институциите и на другите чинители во општеството кои мора да ја сфатат неопходноста од вклучување на младите во донесувањето одлуки и нивно градење како активни чинители во земјата – додава Божовиќ, програмска координаторка во МОФ.
Но, и самите ученици велат дека им недостасува мотивација во форма на едукативни работилници, неформални средби, проектни активности на кои учениците би биле насочени и мотивирани самите да преземат иницијатива за решавање на одредени проблеми во училиштата.
– На вакви работилници можеме да научиме многу за медиумите, за ангажирање на младите во различни процеси кога постарите од нас носат одлуки кои нас не засегаат. Би посакал да имаме повеќе вакви средби и обуки во училиштата, бидејќи за нив многу малку се дискутира за време на наставата – вели гимназијалецот Митко Анѓушев од „Јосиф Јосифовски“ од Гевглелија, кој учествуваше на Медиумската лабораторија што ја организираа Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и „Нова Македонија“ во април.
Според последните истражувања на МОФ во оваа сфера во средните училишта низ Македонија, формите на организирање се исти, но се среќаваат различни називи. Младински актив, Младински совет, Училишна заедница, Средношколска Унија, Унија на средношколци, Младинска организација, МАССУМ, Средношколски Пленум, Младинска заедница, Совет на млади се само дел од називите на формите на средношколско организирање. Поголемиот број на училишта имаат средношколски заедници, а воедно и избираат претседатели на класови. Но, како што заклучува Божовиќ, дискутабилен е начинот на нивниот избор, надвор од хартијата и правилата. Во таа насока, голем дел од средношколците во изминатата година се активирале и биле дел од Средношколскиот пленум, но скоро и да нема училишта кои се дел и од средношколската Унија, вели последното истражување на МОФ.
Каква содржина создаваат младите на медиумите кои ги користат?
– мултимедијална содржина 54%
– пишано дело (книга, есеј, поема, блог пост, колумна ) 52%
– напишано писмо до весник (8%)
– напис во списание (13%)
( Во сите типови содржини, поголем процент од креаторите се од машки пол )
Како младите го користат Интернетот и каков тип содржина споделуваат?
85% објавуваат содржина (текст, слика, фотографија, видео или музика) која сами ја создале
33% учествуваат со други лица на заеднички проекти за создавање содржина
25% имаат создадено своја веб-страница и блог
Извор: Истражување на МОФ „Младите и медиумите“, 2013