Активирај се | Создадено од вас |

Интервју со Ангела Алачки, вљубеничка во природните науки

feat-img

Младата Ангела Алачки од гимназијата „Панче Арсовски“ од Скопје е една од најдобрите ученици во трета година во учебната 2023/24. Нејзиниот успех се темели врз љубовта кон природните науки, биологијата, хемијата и физиката, и е резултат на секојдневно совладување нови предизвици и стекнување нови знаења. Ангела досега има постигнато одлични резултати, бројни значајни награди и признанија.

1. Од која област се твоите достигнувања и кои награди ги имаш освоено?

Моите достигнувања се од областа на природните науки, биологијата, хемијата и физиката. Изминатава година особено бев успешна на натпреварите по биологија, со освоени трета награда на општинскиот, втора награда на регионалниот и на државниот натпревар. Моето портфолио го дополнив и со освоена втора награда на 45-тата Школа „Млади физичари“ и со успешно учество на општинскиот натпревар по хемија.

2. Дали во иднина се гледаш себеси како дел од некој научен проект?

Да, би била многу среќна доколку бидам вклучена во некој научен проект. Таму ќе имам шанса да научам многу нови работи и да се стекнам со разновидни вештини. Тоа би ми претставувало големо задоволство, а воедно и остварување на мојот сон.

3. Која е твојата главна мотивација?

Мојата мотивација е желбата да го видам светот од еден друг, поинаков агол. Да го откријам начинот на којшто функционира сè околу нас и да истражувам. Можеби и јас еден ден да откријам нешто ново.

4. Кога се јави твојата љубов кон природните науки?

Љубовта кон оваа област ми се јави уште кога бев во основно училиште. Омилен предмет ми беше Природни науки и така остана до ден-денес. Многу сакав да научам нешто повеќе за природата што нè опкружува, како функционира таа.

5. Каде сакаш да го продолжиш твоето образование?

Своето образование би сакала да го продолжам на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на некоја од тамошните струки, главно поврзани со хемијата.

6. Дали добиваш поддршка од професорите?

Добивам силна поддршка од професорите и тоа многу ми значи. Особено од моите ментори на натпреварите. Тие секогаш биле тука да ме поддржат и да ми помогнат.

Автор:  Магдалена Велковска, ученичка од СУГС Гимназија„Панче Арсовски“ Скопе