Активирај се | Создадено од вас |

Интервју со Давид Цветковски, млад и талентиран поет

feat-img

Гимназијата „Панче Арсовски“ од Скопје отсекогаш билa расадник на креативни, умни и успешни личности кои, со својот труд, посветеност и знаење, придонеле за успешна афирмација на училиштето. Училиштето го красат многу признанија и награди, освоени од повеќе генерации ученици. Меѓу нив е и наградата на ученикот Давид Цветковски, кој е меѓу најдобрите ученици во трета година во учебната 2023/24. Давид е млад и талентиран поет кој ни откри дека ужива да чита, но и да пишува поезија. Давид има освоено многу награди за своето творештво, а во иднина, како што вели, освен што сака да продолжи да пишува поезија, има желба да напише прозни и драмски дела, но и научни трудови од областа на општествените науки.

Давид Цветковски, млад поет и средношколец во СУГС „Панче Арсовски“

Давид, од која област се твоите достигнувања?

Создавам уметност со помош на најубавиот јазик, односно пишувам македонска поезија. 

Од каде желбата за пишување?

Тоа се случи спонтано и неочекувано, без никаква претходна замисла. Најпрво почнав да склопувам збор по збор, и така зборовите прераснаа во стихови, па во строфи, за на крај да напишам цели песни. Најнапред, тоа беа детски и едноставни творби, но со текот на времето, како што сè повеќе созревав и тие созреваа со мене, стануваа сè посложени и посериозни. 

Давид редовно учествува на конкурси и поетски манифестации

Од каде ја црпиш инспирацијата за пишување?

Инспирацијата за пишување доаѓа од појави кои будат различни чувства во мене, како, на пример, восхитот кон природата, убавините на родниот крај, љубовта кон татковината или кон некоја сакана личност итн. 

На кои конкурси имаш учествувано и кои награди ги имаш освоено?

Имам учествувано на повеќе конкурси. Првата поетска награда ја освоив во седмо одделение, со мојата песна „Татковина“. Оттогаш сум посветен на пишувањето и на афирмација на моето творештво. Минатата училишна година беше закитена со неколку награди, освоив две први места, на манифестациите „Детски Рацинови средби“ и „Средби под јаворите“, и едно трето место, на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“. 

                                                                                           Давид е добитник на голем број литературни награди

Што претставува поезијата за тебе?

Поезијата за мене претставува огледало на душата на поетот, бидејќи во поезијата поетот ги истура своите душевни сокровишта на лист хартија и со тоа тој создава дело толку уникатно колку што е неговата личност. Колку е пораскошна поезијата, толку е пораскошна и душата на поетот. Исто така, за мене пишувањето поезија на македонски литературен јазик претставува голема чест, но исто толку и голема должност кон делата на Миладинов, Прличев, Мисирков, Рацин, Конески, Шопов и на плејада други македонски поети и писатели, како и одговорност за зачувување на татковината која ја носиме во себе – јазикот.

Дали добиваш поддршка од професорите? 

Покрај поддршката од моите родители, семејството и пријателите, добивам поддршка и од моите професори, најмногу од мојата менторка и професорка по Македонски јазик и литература Даниела Јовчевска Михајловска, која секогаш ми излегува во пресрет и со својата професионалност и идеи ми помага во пишувањето.

Дали во иднина се гледаш себеси како писател?

Во иднина ќе продолжам да пишувам, и покрај поезијата, имам желба да напишам прозни и драмски дела, но и научни трудови од областа на општествените науки. Имам друга замисла за мојата професионална кариера, но сепак би нашол време за да се посветам на пишувањето, бидејќи во целост ме исполнува.

Автор: Магдалена Велковска, ученичка од СУГС Гимназија „Панче Арсовски“ Скопје