Активирај се | Создадено од вас |

Интервју со Марко Павловски студент на размена во Америка преку кл-ѕес програмата

feat-img

Привилегија и гордост е да ја претставувам Македонија во САД

Сон на секој млад човек е да го продолжи своето образование на некој од големите и престижни образовни центри во светот. Преку тоа, младите не само што се стекнуваат со нови познанства, искуства од различни култури, туку и се подготвуваат за големите предизвици што ги носи животот. Овие искуства ни создаваат генерација млади луѓе кои се полни со самодоверба и кои се подготвени да направат големи промени во светот. Еден од нив е средношколецот Марко Павловски од СГГУ „Здравко Цветковски“ во Скопје, кој е учесник во програмата за размена на ученици при Kennedy Lugar Youth Exchange and Study поддржана од Стејт Депатментот на САД.

Како дозна за оваа програма? Каков беше процесот на аплицирање за програмата и одбирање на кандидатите?

-KL-YES програмата е прилично конкурентна програма, која има за цел да ја подигне свеста за земјите во Европа и Азија, и да ја претстават нашата култура, за да стекнат меѓусебно разбирање меѓу тие земји и САД. Америка е многу поразлична, особено во образовниот систем, каде што не ги ставаат само академските успеси на прво место, туку оставаат место и за воннаставните активности како спортови, училишни претстави и мјузикли, хорски и оркестрални настапи, итн.

Кој може да аплицира за оваа програма? Од кои други држави има кандидати? Колку кандидати заминаа од Македонија?

-За оваа програма може да аплицира секој  средношколец запишан во прва и втора година. Има кандидати од 37 држави, а од Македонија годинава заминаа 17 кандидати.

Кои критериуми треба да ги поседува еден кандидат кој сака да замине на размена во Америка и кои карактеристики на кандидатите се сметаат за предност, а кои за маана?

-Како предност може да се смета пријателскиот однос, човек кој сака да создаде нови пријателства, како и желбата да ја претстави нашата култура, традиција и творештво во САД.

Колку долго трае оваа програма?

-Програмата трае 9 до 10 месеци, односно една учебна година. Започнува во август и трае до јуни.

Како е решен проблемот со сместувањето? Каде се сместени кандидатите – во ученички домови или пак има фамилии кои се грижат за нив?

-Кандидатите кои се избрани да одат на оваа културна размена се сместени во семејства кои се избрани и проверени. Тие се безбедни за кандидатите, сакаат да примат дете и да го чуваат како свое.

Дали оваа програма нуди стипендии за кандидатите?

-Програмата е целосно основана на стипендии за кандидатите кои ќе бидат избрани како финалисти.

Ученици на размена преку програмата на размена при Kennedy Lugar Youth Exchange and Study
Со кои сѐ предизвици се соочи кога почна да живееш во Америка? Како те прифатија твоите пријатели таму?

-Често најголемиот предизвик на кандидатите е јазикот, кој кај мене не беше проблем. Мојот предизвик беше да формирам добра група на пријатели со кои ќе го поминувам најголемиот дел од времето. Но, откако ја формирав таа група ми стана и многу полесно да запознавам нови другари, како во училиштето, така и надвор.

Накусо, опиши ни како изгледа еден ден на ученик на размена во Америка. Што е она што на почетокот ти беше чудно, нешто што не си очекувал, нешто што е поразлично од кај нас, а би сакал да го има и тука?

-Денот почнува со доаѓањето на училишниот автобус кој ме зема од дома. Кога ќе стигнеме во училиште, одиме во нашата класна училница каде се собираат сите од нашето одделение. Откако ќе дојдат сите, се делиме и одиме на своите часови кои ги имаме тој ден. Многу е ретко да имаш час со една иста група во денот. Доколку некој сака да оди до некоја друга училница, професорот ни дава „дозвола“ која е во форма на тетратка каде пишуваме каде одиме и во колку часот. Во текот на целиот ден не смееме да ја напуштиме училишната зграда. Во училиштето има кафетерија каде учениците одат за време на ручек или кога имаат слободен час. Кога завршува денот пред училиштето не чекаат истите автобуси кои не земаат од дома. По училишните часови, доста од учениците имаат воннаставни активности во училиштето како спортови и училишни клубови, и според мене тоа го прави целото искуство со училиштето позабавно и е еден начин на социјализација.

Дали средношколскиот живот во Америка е токму онаков каков што е прикажан во филмовите или сепак е различно?

-Средношколскиот живот во Америка е доста сличен како што е прикажан на филмовите, но има различности. Во САД учениците обично едвај чекаат да бидат дванаесетто одделение (Сениор), бидејќи во било кој клуб и да си во училиштето, имаат училишни прослави, таканаречени банкети каде се поставува пано со слики и имиња на сите кои се сениори. Банкетите се доста свечени прослави каде се доделуваат и награди за сите кои биле дел од тој клуб или таа активност во текот на годината. Дел кој е токму како од филмовите се игранките како Homecoming (HOCO) и матурската забава (Prom), како и натпреварите на американски фудбал.

Што е досега она што најмногу те воодушеви?

-Најмногу ме воодушеви можноста која ми ја даде моето училиште во САД пред сè да ја претставам мојата култура и традиција, но и предноста која ми ја дадоа мене и на другата ученичка на размена која е од Германија – Шарлот. Училиштето на почетокот на годината нè стави мене и Шарлот како почесни членови на Homecoming Court. Американскиот фудбал, исто така, доста ме воодушеви бидејќи е во центарот на културата во САД. Кај нив тоа е начин на социјализација, каде што се собира целата група и одат заедно да го гледаат натпреварот. Најчесто овие натпревари се училишни, каде што играат против друго средно училиште.

Марко и Шарлот, ученичка на размена од Германија почесни членови на Homecoming Court
Со какви вештини се стекна таму?

-За мене целата оваа „авантура“ стана пат по кој се пронајдов себе си, дознав што всушност сакам, и научив како е да се почне од нула, научив како да градам доверба во луѓе со кои треба да живеам и да се адаптирам во однос на нив, научив како да ја претставувам Македонија и да ја ширам нашата историја, традиција, нашето творештво и култура. Со текот на време ја стекнав и способноста да бидам добар говорник пред голема публика, како и да бидам водич во групата.

Освен со тоа што си од Македонија и ја претставуваш со своето присуство, дали до сега имаше прилика да ја претставиш пред своите другари преку некој настан?

-Во текот на годината се појавија доста прилики каде што ја претставував Македонија, почнувајќи од програмски ориентации, па сè до училишни настани каде јас и други ученици на размена кои се под мојата организација за сместување во западна Пенсилванија ги претставувавме нашите земји. Последниот пат кога имав прилично голема шанса да ја претставам Македонија беше почетокот на април, каде заедно со училишниот хор ја пеевме „Македонско девојче“.

Како учениците реагираа на тоа дека треба да пејат на јазик кој воопшто не го познаваат и колку им беше тешко прво да ги научат зборовите, а потоа да успеат да ги отпеат? Дали постоеше момент кога сакавте да се откажете од таа идеја?

-На почетокот, доста од учениците беа загрижени затоа што нашата азбука е кирилица и им изгледаше како доста голем предизвик. Затоа требаше да направам водич на изговор и како треба да звучи песната кога се пее, кое што верувам дека помогна многу. Мелодијата на песната стигна една недела пред концертот и ние имавме само седум дена за да се подготвиме и да настапиме со „Македонско девојче“. Кога почнавме да ја пееме пред публиката се наежив, бидејќи звучеше толку убаво, а и до ден денес кога некој од учениците од хорот ќе ме видат, ми приоѓаат за да ми кажат колку им се допаднала песната и дека уште ја пејат по дома. Нема зборови со кои може да и се заблагодарам на нашата професорка, ментор и хорски директор г-ѓа. Кенеди која што ми ја даде оваа шанса да ја претставам нашата традиција и култура преку музиката, која е јазик кој секој човек ко разбира.

Пред самиот крај, кои се твоите досегашни впечатоци од оваа програма?

-Програмата за мене е една од нај незаборавните авантури, истовремено е и одлука која ја донесов сам и воопшто не се каам за тоа. Се разбира и дел од мојот живот кој не би го заменил за ништо на овој свет. Оваа е привилегија која ја добив, да бидам финалист и со гордост да ја претставувам нашата држава во САД. Не само што се здобив со едно огромно искуство и знаење на културата во Америка, туку ми се отворија можности, од самиот почеток, од првата ориентација со другите држави, па сè до сега, а и понатаму. Знам дека во блиска иднина ме очекуваат нови проекти како Алумнус на YES програмата, за кој сум многу возбуден и едвај чекам да работам на тоа.

И како за крај, кои се твоите планови откако ќе се вратиш назад во Македонија? Што е она со кое сакаш да се занимаваш во животот, дали е архитектурата која ја изучуваш во средното градежно училиште во Скопје или можеби нешто друго?

-Планирам да работам на нови проекти како дел од алумни-заедницата на програмата во Македонија, а се надевам дека ќе имам и понатамошни прилики да ја претставам нашата држава во светот. Во однос на академскиот дел, архитектурата сè уште ми е отворена врата и потенцијална кариера понатаму. Како хоби сакам да почнам посериозно да работам на тоа што ме привлекувало како од мал и што ми значи во животот, а тоа е музиката. Во САД имав шанса да почнам со часови по клавир и љубовта која ја имав кон музиката се продлабочи уште повеќе.

Автор: Тереза Кимова, ученичка во СГГУГС ,,Здравко Цветковски” – Скопје