Интервју со младата поетеса Бека: Знам, многу сонувам
Од неодамна поетеса, одамна актерка, моментално средношколка – тоа накратко ја опишува Изабела Јакимова – Бека. Таа е ново име во македонската книжевност, која само што ја издаде својата прва збирка поезија. Но, иако пишувањето ја исполнува, Изабела вели дека глумата е нејзината најголема љубов. Таа е активен член на драмската секција во Македонскиот народен театар, а веќе четири години и е средношколка во скопското медицинско училиште „Панче Ќараѓозов“.
Медиум: Што те инспирираше за да ја напишеш оваа книга?
Бека: Оваа книга беше инспирирана од мојот секојдневен живот, специфично од моите роднини и пријатели кои на некој начин ми се исповедуваа за одредени случки во нивните животи. Од нивните, така не толку среќни приказни, јас почнав да пишувам песни и на крајот дојдов до збирка.
Медиум: Дали во оваа збирка имаш преточено елементи од својот живот?
Бека: Има неколку песни кои се темелат на мои лични искуства, но повеќето се од личните искуства на моите блиски.
Медиум: Како беше за тебе да издадеш книга?
Бека: Тоа е едно многу убаво, исполнително чувство. Најискрено не очекував волкав број на луѓе да дојдат и да ме подржат. Навистина беше едно прекрасно искуство.
Медиум: Како стигна до тоа ти да ја издадеш книгава? Дали некој ти помогна во процесот?
Бека: Книгата ја издадов преку НОВА во Битола, тие ми помогнаа околу финансиите, а до нив дојдов преку натпревар за кој дознав од еден драг пријател.
Медиум: Дали за тебе пишувањето е само хоби или пак потенцијална, понатамошна професија?
Бека: Пишувањето се уште го сметам за хоби. Во иднина би сакала, секако ако е можно, да се занимавам со актерство, бидејќи сепак таа е мојата прва љубов. Театарот на некој начин ми е втор дом, а луѓето со кои глумам – фамилија.
Медиум: Од прилика од која возраст се заинтересира за пишување? Од каде дојде тој нагон?
Бека: Од прилика од четврто одделение, од тие дневници што се пишуваа во тоа време. Се разбира стилот со тек на времето се менува.
Медиум: Кои се твоите планови за иднината?
Бека: Иднината… Се трудам да не планирам и едноставно да оставам да се случи. Но, сепак би сакала да бидам среќна мајка и актерка. Можеби Холивуд еден ден. Многу сонувам (се смее).
Медиум: Како ти го поминуваш слободното време?
Бека: Како и секоја тинејџерка јас се дружам, излегувам по разни атрактивни локали, секако користам и социјални мрежи. Но, тоа што најмногу ме исполнува е времето поминато спремајќи претстави во драмската секција во Македонскиот народен театар, и секако пишувањето.
Репортер: Јана Чолаковска, ученичка во средното училиште „НОВА“
Фотографија: Ангела Настевска, ученичќа во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“