Активирај се | Создадено од вас |

Инвестирајте во своето образование!

feat-img

На медиумската лабораторија во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино учениците го интервјуираа евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој беше и гостин на работилницата. Тие го прашуваа за неговиот живот во детството, младоста, како и за патот кон дипломатијата и работата во Македонија.

Каков беше Вашиот образовен пат до дипломатијата?

Живеев во различен период од вашиот. Јас сум од Нова Горица, град во западниот дел на Словенија, каде што завршив основно и средно образование. Го имав истото основно училиште, па четири години гимназија, слично на денешниот образовен систем, а потоа заминав во Љубљана на Факултетот за општествени науки, меѓународни односи. Но споредувајќи се со вас, забележувам дека живееме во различни светови. Кога јас бев ученик, не само што немаше Фејсбук, што за учениците денес е основна алатка за комуникација, туку на училиште немавме ни компјутери. Првиот компјутер што го видов беше на факултет, а својот прв компјутер го купив на околу 30 години. Вие сте генерација на ученици 2.0, напредна верзија на она што бевме ние како ученици. Вие живеете во глобализиран свет со брз пристап до информации, сите ја слушате истата музика, ги немате проблемите кои ние ги имавме кога бевме млади. На пример, слушавме радио од Италија, затоа што таа музика ја немаше во Југославија. Бев одличен ученик, претпоставувам како многумина од вас и ве охрабрувам да продолжите така.

Кога сме кај музиката, каква музика сакате да слушате?

Обожавател бев и уште сум на словенечкиот бенд, не сум сигурен дали го знаете, Лајбах. Навистина беа посебни, особено во тоа време во Југославија. Прво, беа провокативни со името, кое всушност е германското име на Љубљана, а исто така ги провоцираа институциите во тоа време. Бендот сè уште постои и сакам да ги слушам.

Дали во Вашиот град има факултети и ако има кои се тие?

Кога бев млад немаше многу универзитети. Единствениот државен универзитет беше тој во Љубљана и сите студираа таму. По независноста имаше многу приватни иницијативи, се отворија универзитети. Во Нова Горица се отвори Факултет за природни науки, кој добро се развива и на кој предаваат меѓународни професори.

Сте работеле во повеќе европски земји и добро го познавате Балканот. Сега сте евроамбасадор во Македонија. Како ја оценувате работата тука, како е да се работи во Македонија?

Дојдов во септември минатата година, тука сум повеќе од шест месеци. Многу ми се допаѓа, околината, планините, пешачењето… ние Словенците особено ги сакаме. Тука има добри можности за планинарење. Често одиме на планина за викенди, на Водно, Маврово, на Шар Планина итн. Мислам дека храната, особено зеленчукот е она што го паметам од моето детство. Во минатото, голем дел од храната ја добивавме од овие полиња, од околината на Неготино и од преостанатите плодни краишта на југот. Сега ја имам можноста повторно да уживам во оригиналниот вкус на доматите, вкусот за кој зборуваат многу од странците кои ја посетиле вашата земја.

Дојдов тука да ѝ помогнам на Европската Унија и на вашата држава во процесот на приближувањето кон ЕУ. Главната цел ни е да покажеме дека сме партнери и дека сакаме оваа земја да напредува. Тоа беше мојата желба и мисија кога дојдов овде. Сè уште сме во криза и почнуваме да губиме многу време. Време е веќе да се продолжи напред. Јас сум сè уште оптимист дека ќе се вратиме на вистинскиот пат. Изјавив и кога дојдов, дека оваа земја може навистина да напредува многу брзо, само ако политиката се подобри. Вие сте мала земја, но имате многу потенцијал, во индустријата и земјоделството, странските инвестиции. Нема причина да не биде така. Крајно време е да се ангажираме.

Следното прашање е во врска со матурата. Таа е многу актуелна кај средношколците. Можете ли да ни кажете за Вашата матура: како помина? Дали имате некоја забавна случка од Вашите средношколски денови?

Да, имав матура – „страшниот“ дел на крајот од средното образование. Мојата гимназија беше една од најстрогите во Словенија. Она што го паметам од тие денови е традиционалната екскурзија низ Југославија. Немам некои особени анегдоти од тоа време. Не сум се опил, секогаш бев добро дете.

Знаете, ова беше пред околу 40 години кога јас бев средношколец. Освен што со вас се разликуваме по социјалните мрежи и секојдневниот живот, различно беше и патувањето. На пример, одевме во Италија да купуваме облека. Се сеќавам дека кога ја поминувавме границата со Италија беше многу стресно, затоа што криевме пари, а потоа, на враќање, ја криевме облеката што сме ја купиле. Кога станавме дел од Шенген зоната и кога ја немаше повеќе границата помеѓу Словенија и Италија, на местото на границата имаше забава, се креираше и еден уметнички проект, таканаречен „Соба за исповед“, луѓето се исповедуваа за случките кога ја поминувале границата. Беше интересно да се слушне како луѓето се снаоѓале тогаш.

Навистина ми е мило што сте заинтересирани за новинарството и за откривањето нови работи. Знаете, најдобриот начин да инвестирате во себе е да инвестирате во вашето знаење, во познавањето на повеќе јазици… Многу е практично подоцна во животот и на долг рок ќе ви се исплати. Задоволство ми е што гледам толку млади луѓе ентузијасти, вие сте иднината на вашата земја.

Автори: Ана Вељаноска, Надица Калешкова, Мартин Арсов и Иван Илиев, ученици во втора година во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“, Неготино