Измисли шприц што ќе ги штити медицинарите од зарази и од болести
Изум кој ја фасцинираше лекарската фела и изум кој доаѓа како прв во медицината кај нас по 25 години е шприцот што го измисли 16-годишниот Сашо Јандрески од Прилеп. Тој на овој проект работел речиси една година и успеа да создаде уникатен шприц којшто сега е патентиран и со кого наредната година ќе се појави на најголемиот комерцијален саем во светот
Ако отидете во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ и прашате за Сашо Јандрески, тешко ќе најдете ученик или професор кој не слушнал за него. Слична би била ситуацијата и ако прошетате низ Прилеп. А причините зошто е тоа така се и повеќе од оправдани. Сашо е најмладиот иноватор во ова средно училиште, тој има 16 години и е ученик во втора година.
Овој гимназијалец измисли и патентираше нов, уникатен шприц за инјектирање лекови, кој ќе биде од голема корист во медицински цели. Со неговиот шприц се спречуваат повреди од игла кај здравствените работници и, уште поважно, се заштитуваат од евентуална зараза од Хепатит Б и Ц.
Средношколецот работеше на обликување на прототипот речиси една година, со тим од три професорки кои му дадоа безрезервна поддршка. Неговата иновација доаѓа како прв изум во медицината кај нас по 25 години.
Ако го прашате од каде дошол до идејата, Сашо ќе ви раскаже дека уште како основец волонтирал во Службата за итна медицинска помош во Прилеп и тоа го инспирирало да дојде до една светска идеја која ги фасцинираше и најуспешните доктори и луѓе од областа на медицината. Гимназијалецот го привлече вниманието и на претседателот Стево Пендаровски пред кого го презентираше изумот кога беше дел од делегацијата на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија која го посети претседателот. Следната година, Сашо со неговиот патент ќе се појави и на најголемиот комерцијален светски саем во Москва, Русија.
Ангажиран околу патентирањето на својот пронајдок, волонтерството, училишните обврски, учеството на натпревари, презентации, промоции, средношколецот-иноватор одвои време да одговори и на неколку прашања за средношколскиот весник „Медиум“.
Медиум: Како дојде до идејата за креирање на шприцот и колку време ти требаше да ја реализираш?
Сашо: Пред сè, за самата идеја до нејзиното целосно оформување односно доаѓање до патентот беа потребни околу 10 месеци. Целокупниот модел трпеше промени во текот на изработката и осознавањето на оној уникатен модел кој ги задоволува оние критериуми што сум ги поставил на почетокот од истражувањето.
Медиум: Можеш ли да ни кажеш нешто подетално за механизмот на твојот шприц?
Сашо: Механизмот и уникатноста на шприцот, компаративно земено, се како поврзана целина, не се одвојуваат една од друга, со тоа што самиот механизам не дозволува пациентот да има никаков контакт со здравствениот работник при аплицирање на терапијата без разлика дали е венска или мускулна.
Медиум: Што го прави твојот шприц поразличен од оној обичниот?
Сашо: Различноста на мојот модел со моделите на шприцови кои се користат денес е тоа што мојот модел не овозможува да дојде до повреда со игла односно процентуалната вредност е сведена на минимум со тоа што ги заштитуваме здравствените работници од Хепатит Б и Ц.
Медиум: Кои се твоите идни планови во врска со твојата идеја?
Сашо: Плановите секогаш ги оставам да течат спонтано. Никогаш не го планирам времето однапред. Еве наскоро, во текот на 2020 година ќе ја посетиме Русија, поточно Москва, при што ќе учествуваме на најголемиот комерцијален светски саем.
Медиум: Дали имаше поддршка од стручни лица или сето ова го постигна сам?
Сашо: Што се однесува за поддршката – да, нормално е да имам и поддршка и некој што ќе ме поткрепи поради тоа што ваков товар успеав да го износам на мојот грб. Трите професорки кои работат со мене секогаш се тука да ми го чуваат грбот, а исто така зад мене застана и локалната самоуправа на Прилеп, како и приватната компанија „Комфи Ангел“ (Comfy Angel).
Авторка: Вероника Кукеска, ученичка во трета година во СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп