Јана Мајнова: „Освојувајте што е можно повеќе работи кои ви се достапни!“
Дописникот на „Медиум“, Станиша Станковиќ, ученик во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, ни ја претставува Јана Мајнова, ученичка во четврта година во СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје. Мајнова е доста активна, успешна и амбициозна млада личност која покажала врвни резултати како освоени златни медали во Унгарија, Хрватска, Романија, потоа сребрени медали во Кипар и бронзени медали на домашни и странски натпревари.
Но, таа не сопира тука, добитничка е на неколку први места во областа на математиката, биологија, географијата, фармацијата, како и многу други значајни сертификати, дипломи, пофалници, натпревари, обуки, курсеви, летни школи и кампови, дел во Македонија, но и огромен сегмент во други земји, претежно Европските Држави. Пред одреден период, Јана истовремено доби награда за освоено трето место по математика на Интернационалниот натпревар којшто е организиран од страна на Американскиот Универзитет во Бугарија. И покрај големата конкуренција од ученици, коишто беа претходно селектирани врз основа на искучително тешки тестови и неколку активности во областа на математиката, Таа макотрпно се трудеше, вложи напор и сопствена волја да ја престави нашата држава на високо и задоволително ниво. Оттука е и причината за која ние ја интервјуираме и разговаравме со неа.
Медиум: Зошто математика? Од каде таа љубов?
Јана Мајнова: Љубовта кон математиката се појави кај мене за време на основното образование, кога дознав за логичките задачи коишто беа дел од натпреварот Кенгур. Решавањето на истите за мене не претставуваше тешкотија, туку нешто што ме предизвикува. Но, не можам да кажам дека математиката ми е единствена љубов. Таа претставува само дел од мојот широк спектрум на интереси и застапеност во различни научни и општествени полиња.
Медиум: Освен секојдневно вежбање и ангажман, што друго му треба на еден солиден математичар?
Јана Мајнова: Сметам дека мотивацијата е најбитна во околности со кои се соочуваат средношколците во оваа држава. Исто така според мене секојдневниот ангажман не е толку потребен колку што е посветеноста во моменти кога треба да се одбере помеѓу забава и едукација.
Медиум: Дали имаш подршка кон твојата цел, како реагираат професорите, учениците и твоите најблиски?
Јана Мајнова: Се разбира дека поддршката ја добивам како од моите професори и соученици така и од моите родители и блиски другари. Но, за мене, најбитна од се е свесноста дека доколку самата не си создадам можностите никој нема да го направи тоа за мене.
Медиум: Како се чуствуваш сега после наградата, дали овој успех Ве направи горда на себе?
Јана Мајнова: Како и секој останат успех и оваа награда ме направи многу горда на себе, но истовремено не влијаеше на мојата скромност. Можам да кажам дека таа претставуваше уште еден поттик да продолжам со досегашното темпо коешто надежно ќе ме одведе до уште посреќни мигови понатаму во мојот живот.
Медиум: Кои се твоите планови за во иднина?
Јана Мајнова: Планирањето е многу битен елемент при остварувањето на нашите цели, но само доколку тоа не претставува долгорочно планирање. Не можам да кажам кој е мојот план за повеќе од 5 години од сега, но можам да кажам дека моментално работам на апликациите за факултети во странство, а резултатот од тоа ќе го видиме за неколку месеци.
Медиум: Кое е твоето мото и порака до младите?
Јана Мајнова: Во врска со сликата кои другите сакаат да ја видат за нас како и насоката која ќе ни ја определи иднината е непотребна. Моја препорака до сите оние кои не се одлучни за тоа со што сакаат да го продолжат својот живот е да ескпериментираат со што е можно повеќе работи кои им се достапни. А она што им преостанува е како што велат “Go with the flow”.