Активирај се | Создадено од вас |

Каде отиде детската среќа?

feat-img

Сара Стојановска, СОУ „Јосип Броз Тито“, Битола

Додека сме деца сакаме што побргу да пораснеме. Да почнеме да се грижиме сами за себе. Несвесни дека тоа ќе го правиме цел живот и прашање е колку ќе бидеме успешни во тоа. Детството на сите ни помина во фантазии за животот кој не очекува и сите имавме соништа – мали, големи, сите беа достојни за нас, не знаевме да ги осудуваме туѓите, ја имавме целата слобода на светот. Но, тогаш никој не сакаше да си оди од земјава, сите бевме задоволни со тоа малку кое го имавме. За разлика од денес кога скоро сите ја гледаме нашата иднина на друго место. Ако како деца сакавме да бидеме ,,возач како татo” или да правиме колачи како мама, денес сите живееме за денот кога ќе го напуштиме домот и кога би работеле сѐ само не тоа што го прават нашите родители.

Што се смени? Мислам дека животот е истиот како и пред пет или десет години, или барем сличен. Дали со растењето се разбудивме од прекрасниот свет во кој живеевме или пак некој не разбуди и сега не знаеме како да ја поднесеме реалноста? Ние бевме среќни сѐ до денот кога ни кажаа како да бидеме среќни и од тој миг ние ја бараме среќата на погрешно место и кај погрешни луѓе. И како би нашле нешто кое веќе го имаме? Не знам кој и кога нѐ натера да веруваме дека нашиот успех во туѓите очи е мерило за нашата радост. Но, знам дека кој и да го направил тоа, нѐ осуди на вечно трагање по нешто кое е нереално. Замислете само колку ќе беше поубаво да останевме скромни, весели човечиња со едноставни соништа, суштества кои ќе се радуваат на малите нешта, ќе бидат задоволни и среќни со тоа што го имаат, ќе се сакаат себе, па и целиот свет. Но, сето тоа нема да е добро за економијата, нема да се развива бизнисот. Како ќе просперира општеството ако на сите тоа малку кое го имаат им е доволно?

И вистината е дека отесекогаш било вака, но децата никогаш толку рано не ги губеле своите фантазии. Некои среќници цел живот успевале да ги задржат, сега тоа ни изгледа како научна фантастика. Збунети и исплашени останавме и без своите фантазии и соништа. Никаде не ја гледаме фамозната смисла на животот, која не ни беше потребна кога имавме ,,живот”. Заборавивме кои сме и  потоа ќе сме се грижеле за себе. Како би изгледало тоа?