Активирај се | Создадено од вас |

Како да снимаш видео со мобилен телефон?

Ако сакаш да ги усовршиш своите вештини и техниките за снимање видео со мобилен телефон, имај ги предвид следните совети:

Технички подготовки

Првата лекција е – објективот да биде чист. И тоа не е единствената лекција која е важна. Секогаш имај доволно слободен простор на телефонот или мемориската картичка пред да одиш на  снимање. И батеријата да биде полна. Запомни, ако ти заѕвони телефонот додека снимаш видео, снимањето или веднаш ќе се прекине или ќе се прекине ако одговориш на повикот. Затоа, пренасочи ги повиците или вклучи airplane mode пред да почнеш да снимаш.

Телефонот овозможува вертикално и хоризонтално снимање. Хоризонтално, односно во формат 16:9 снимаш кога правиш видео за Јутјуб, Фејсбук видео или за телевизиско емитување. Вертикално, или во формат 9:16 снимаш кога правиш видео за Инстаграм, Тик-Ток, Фејсбук стори, Јутјуб шортс.

Истите правила важат кога ја користиме и предната камера. Нејзе ја употребуваме кога сакаме да им соопштиме нешто директно на гледачите. Внимавај, сепак, кога зборуваш во предната камера секогаш да гледаш во објективот, затоа што ако си го гледаш одразот на лицето во екранот од телефонот, го губиш контактот со очи со гледачите.

Опции на мобилниот телефон

Кога снимаш со твојот мобилен телефон секогаш вклучи ги линиите кои го делат кадарот на третини. Истражувај, како користењето на овие линии можат да ти донесат подинамична снимка.

Вклучи ја и линијата за нивелација за да се осигураш дека сликата не е накривена.

Понекогаш субјектот ти е многу далеку? Не користи дигитален зум за да го приближиш, бидејќи ќе го уништиш квалитетот на снимката. Секогаш кога можеш, приближи му се на субјектот.

Веројатно веќе знаеш дека твојот телефон има автоматски фокус. Тоа значи дека ќе ти помогне да биде изострен објектот пред камерата.

Независно дали имаш или немаш статив, денес речиси сите телефони нудат опција за стабилизација на сликата при снимање. Користи ја, затоа што разликата е огромна, особена ако си во движење. Кога снимаш со мобилниот телефон без статив, внимавај рацете да ти бидат одвоени од телото, затоа што ако ти залепени, тогаш дишењето може да влијае на стабилноста на сликата.

Користење на светлината

Светлината е најважна. Без неа, нема снимка. На телефонот имаш мало светло, но не се потпирај на него. Почесто ќе ти ја уништи снимката, отколку што ќе ти ја подобри.

Речиси секогаш ќе имаш лоши резултати кога изворот на светлина е зад субјектот. И кога субјектот е под сенка, а во кадарот доминира силно сонце или обратно.

Нивелирање на звукот

Сликата ја доловуваш со камерата, а звукот со микрофонот. Но, телефонот најдобро ги доловува звуците кои се најблиску до него. Ако субјектот се оддалечи од телефонот или пак има други силни околни звуци, тогаш тонот е неупотреблив.

Како евтина замена за микрофонот на современите телефони можат да послужат блутут слушалки со микрофон. На некои Андроид уреди, ова се прави со тоа што прво се поврзуваат телефонот и слушалките, а потоа блутут слушалките се избираат како првенствен извор на звук во делот на поставките на апликацијата – камера. Така, твоите блутут слушалки стануваат микрофон. Микрофон можат да станат и обични жичани слушалки. Само треба да ги поврзеш со твојот уред.

На некои телефонски уреди, сепак, апликација за камера нема да ти дозволи да ги избереш блутут слушалките како извор за звук. Ќе ти треба нова апликација.

Погледни ги советите како да снимаш со мобилен телефон во видеото!