Како да станеш медиумски писмен средношколец за 30 минути?
Koга од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста вторпат ме прашаа дали би бил домаќин на средношколци за „Медиумскиот ден“, без двоумење ја прифатив поканата. Веднаш ми текна на ланскиот настан кога ученциите-гости ме бомбардираа со прашања за работата на медиумите. Годинава го минавме истиот процес со 60-тина ученици кои во неколку групи се запознаа со функционирањето на една новинска информативна агенција.
Тешко е да се задржи внимание на средношколец кој е навикнат на морето информации што без престан допира до него/неа. Им направив мал тест за да видам како ги перципираат вестите на порталите и на телевизија. Тоа беше измислена вест од 20-тина редови со многу јазични и логички недоследности. По пет минути ги прашав колку грешки пронашле во текстот. Ми рекоа 10-ина, а имаше над 45. Нивото на препознавањето на грешките беше од правописна природа: испуштени букви, инверзија на зборови и сл. Но, многу мал број од нив ги увидоа нелогичностите на информациите, ниту пак ги лоцираа контрадикторностите во текстот. Лично, тоа ми беше симтом како овие млади луѓе ги „џвакаат“ информациите.
Впечаток ми остави и фактот што учениците еден час слушаа внимателно. Не забележав дека некој од нив дошол на екскурзија за убавините на градот (бидејќи половината од нив беа од другите градови), туку напротив. Беа заинтересирани за сè што говорев. Некои од нив фаќаа прибелешки. Ова пак ми даде втор симптом дека има интерес за медиумска писменост, иако во образовните политики, тоа прашање има микроскопска видливост. Верувам дека медиумската писменост која фигурира во минимален фонд на часови кај учениците, воопшто не се спроведува… Образованието е филтерот кој (треба да) креира критички граѓани, кои разбираат, разликуваат и реагираат, а не папсана интелигенција која клима со главата и одобрува.
Ја поздравувам и ја поддржувам идејата на Високата школа со која медиумите ги отвораат вратите од своите редакции на публиката. Само преку едукација на јавноста за начинот на кој се прават вестите, ќе имаме критичка јавност која ќе препознава дали и ние новинарите си ја вршиме работата како што треба. Искрено се надевам дека и други медиуми ќе ја препознаат важноста на ваквите иницијативи.
До новиот медиумски ден, следната година, апелот е пратен: публика која критички размислува, значи дека имаме свесна и будна јавност!
М-р Васко Маглешов, новинар во новинската информативна агенција „Макфакс“