Активирај се | Создадено од вас |

Како дојавите за бомби го променија училишниот ден

feat-img

Со дојавите за бомби дојде и до промена на некои работи во училиштата, но и се постави и прашањето дали за да се промени нешто во училиштата мора да има вакви закани. Дојавите за бомби доведоа до несигурност меѓу учениците и вработените, потреба од план за евакуација и од организирање на работилници за ментално здравје.

Во половината на првото тромесечје па сѐ до крајот на полугодието дојави за бомби имаше во голем број средни па и основни училишта. Првите потврдени закани беа испратени во средните училишта „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Но, по краток период се случија и во основни училишта како „Лазо Ангеловски“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“, “Ѓорѓија Пулевски“ „Киро Глигоров“.

„За учениците во повисоките оделенија беше доста едноставно. Дојде наставник и ни кажа смирено да излеземе, додека кај учениците во пониските оделенија, од прво до четврто, се слушаа извици и плачење што предизвика малку хаос“ – ученик од основното училиште ООУ „Лазо Ангеловски“.

Самите училишта на почетокот не беа сигурни како да се однесуваат со дојавите. Поради тоа дојде до голем број пропуштени часови што покрај на учениците им направи и стрес на професорите.

Поради честотата на најавите некои училишта организираа и план за евакуација. Во СУГС „Орце Николов“ се превзема акција од страна на одговорните. Силното ѕвонење означуваше почеток на евакуација и учениците мирно излегуваа по претходно утврден пат надвор од училиштето.

Во некои средни училишта како „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и „Михајло Пупин“ немало некаква посебна организација. Учениците за време на секоја евакуација биле известувани само од еден професор.- велат ученици од тие училишта.

Додека од една страна училиштата не беа подготвени за вакви случувања, некои учениците пронаоѓаа и начини да ги злоупотребуваат дојавите, односно организирано да бегаат од часови.

Тоа покрај проблеми со професорите создаде проблеми меѓу самите ученици, па имаше случаи и во кои ученици кои не сакале да избегаат од час добиле закани од други соученици во одделенијата. До посериозна ситуација дојде во едно средно училиште во кое ученик беше избркан поради такви закани кон соученик.

Иако некои ученици не ја сфаќаат сериозно ситуацијата за останати ученици и на професорите сите овие настани беа прилично стресни.

„Кај нас не се примети дека професорите преземаат некаква акција во однос на нивното или нашето ментално здравје, поради тоа што никој потоа не зборуваше за дојавите“ – вели една ученичка од СУГС „Јосип Броз Тито“.

Овие настани не влијаеа само на учениците, туку и нивните професори, вработените во училиштата и блиските на сите кои биле присутни на настаните.

„Дојавите создаваат проблеми кои на никој не му се потребни. Губењето на часови, стресот кој се предизвикува, децата не знаат кога да одат на училиште, а кога не“ – вели роднина на ученик од СУГС „Орце Николов“.

За да најдат учениците и вработените во училиштата начин да се справат со стресот од овој период потребни се работилници за ментално здравје. Но, од досегашните информации таква работилница има само во СУГС „Орце Николв”. Досега се одржале три работилници на кои учениците ги споделувале своите чувства во однос на обврски и стресови.

„Јас сум многу задоволен од работилниците, многу ми се допаѓа што обрнуваат внимание кон учениците и се трудат нашата средина да биде најдобра што може да биде” – ученик од Орце Николов

Автор: Горјан Азманов, СУГС „Орце Николов“ – Скопје