„Каревјанци“ е најдобра групна маска на Струмичкиот карневал

Маската „Каревјанци“ на карневалската група од средното училиште „Никола Карев“ во Струмица го освои првото место на Струмичкиот карневал во категоријата групна маска. Околу 90 средношколци од македонска и турска етничка заедница три месеци ги шиеја костимите, ги украсуваа со детали и ја усовршуваа кореографијата за сценскиот настап.
-Креацијата ја изработувавме надвор од училишните активности и токму тоа придонесе за поголеми дружења и размена на мислења и идеи. Но кога се работи со голема желба и љубов, а и со голема поддршка од наставниците работата воопшто не е тешка. Напротив, ни претставуваше задоволство и голем предизвик. На тој начин ги рушиме предрасудите и бариерите помеѓу различностите, бидејќи сите сме ученици во истото училиште, велат средношколците кои учествуваа во изработката на маската.
Училиштето „Никола Карев“ веќе четврти пат по ред е првонаградено на Струмичкиот карневал, што, како што велат ученциите, им претставува поттик за подобра маска секоја наредна година.
Ице Белчиев, СОУ „Никола Карев“ – Струмица