Клик до опасна зона
Колку време младите поминуваат на Интернет и дали се свесни за можна злоупотреба на нивните фотографии, датуми на раѓање, адреси и други лични податоци е тема на која во Македонија речиси и да не се направени посериозни истражувања.
„Онлајн“ е статусот во кој им поминува голем дел од нивното секојдневие, но исто така повеќето сметаат оти се запознаени со опасностите што ги демнат во сајбер-просторот е впечатокот што го добивме од нашите разговори со неколку средношколци.
– Нема ден, а да не се вклучиме на социјалните мрежи за да провериме што има ново, што постирале нашите пријатели. Интернетот го користиме секојдневно, но мислам дека ретко кој од нас се грижи за тоа колку е безбеден иако сме свесни дека многумина знаат начини како да влезат на туѓи профили и истите да ги злоупотребуваат. Сметам оти е потребно да се посвети повеќе внимание токму на нашата сигурноста на Интернет – вели Надица Трајковска, ученичка во средното скопско училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Дел од нив сметаат оти личните податоци оставени на социјалните мрежи се најлесни за откривање, а потоа и за злоупотреба, па се трудат да се заштитат.
– Својата приватност се обидувам да ја заштитам со тоа што внимавам што споделувам со другите луѓе, избегнувам јавно прикажување на мои лични податоци, телефонски број, адреса на живеење, а кога наидувам на непознати внимавам на комуникацијата или воопшто не ни комуницирам – објаснува средношколката Драгана Лазарова од училиштето „Гошо Викентиев“ во Кочани.
Според податоците, пак, на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), еден од поголемите проблеми поврзан со приватноста во сајбер-просторот се фотографиите. Тие истакнуваат дека средношколците не обрнуваат внимание на споделувањето фотографии без согласност сѐ до оној момент кога ќе сфатат дека станува збор за биометриски личен податок.
Токму начинот на кој се објавуваат фотографиите на социјалните мрежи е еден од аспектите што го истакна и ИТ-инженерот Дејан Зафировски.
– Пред неколку години хакирањето профили и крадењето податоци беше полесно за разлика од денес, бидејќи постојано се надградуваат и усовршуваат безбедносните системи. Првиот чекор за еден средношколец, но и за секој друг корисник, да биде побезбеден може и треба да го направи самиот. Пред сѐ, фотографиите да не бидат јавни, бидејќи најчесто се користат за лажно претставување и креирање други профили, а секако не треба да ги оставаат ниту целосните датуми на раѓање, мобилните телефони, адресите – советува Зафировски.
Слични се и советите кои ги даваат и од ДЗЛП, од каде што предупредуваат дека еднаш прибраните податоци на некоја веб-страница се користат, препраќаат, но исто така можат и да се злоупотребуваат на безброј начини. Велат, тешко може да се утврди што се случува со личните податоци кои циркулираат во сајбер-просторот.
Дирекцијата во соработка со средношколците од СУГС „Никола Карев“, минатата година направиле истражување во кое биле вклучени 548 ученици од прва до четврта година.
Дел од резултатите покажале оти тинејџерите не објавуваат, ама примаат провокативни содржини, на пример, околу 400 од нив примиле нечија провокативна фотографија на некоја социјална мрежа, а безмалку на 40, пак, им била злоупотребена.
Од друга страна, пак, загрижувачки е и податокот дека дури 388 ученици имаат лажни профили.
Кога станува збор, пак, за проектите за заштита, од ДЗЛП информираат дека спроведувале активности за да ги запознаат родителите со проблематиката преку Советите на родители во сите средни училишта, а креирале и водич со механизми за пријава на злоупотреба.
– Воедно, секое средно училиште има назначено офицер за заштита на личните податоци кај кого може директно да се обратат со цел минимизирање на повредата на правото на заштита на личните податоци во најбрз можен рок – вели Лилјана Пецова од ДЗЛП.
Додека кај нас ретко можат да се пронајдат поопсежни истражувања на темата, поголемиот дел од европските земји се и чекор понапред. Едно од нив е спроведено од мултинационалната истражувачка мрежа „ЕУ кидс онлајн“, која е формирана од страна на Европската комисија како дел од програмата „Побезбеден Интернет за децата“.
Истражувањето е направено за децата од 11 до 16 години и е спроведено на меѓународно ниво, но Македонија не е дел од него. Според анализите, децата се вклучуваат на Интернет најмногу преку мобилни уреди, па затоа е тешко за родителите да ги следат нивните активности.
Се истакна дека не секое користење Интернет дава бенефиции. Па така, добивањето корисни вештини зависи од возраста на детето, полот, социо-економскиот статус, колку добиваат поддршка од родителите и видот на содржината која им е достапна на Интернет. Користењето на нивните вештини во сајбер-просторот несомнено ги води кон одредени ризици кои можат сериозно да им наштетат. Иако не секоја содржина може да предизвика сериозна штета, во истражувањето се наведува дека можноста едно дете да биде вознемирено на Интернет зависи од возраста, но и од отпорноста кон тоа што се случува во сајбер-просторот.
– Децата најмногу сакаат да ги посетуваат социјалните мрежи, да „четуваат“, да го користат видеоканалот Јутјуб и да играат игри. Немаат голема желба да прикачуваат документи на Интернет, да читаат вести или да партиципираат во виртуелни светови.
Во рамките на истражувањето, децата се прашувани и што најмногу им пречи на Интернет, што ги вознемирува.
Помеѓу клучните содржини што ги вознемируваат се наведуваат детската порнографија, агресијата, злобата, насилството кон послабите (животни и мали деца). Момчињата изразуваат повеќе грижа за насилството отколку девојчињата, додека девојчињата се загрижени за ризиците од воспоставувањето контакти. Според анализите, загриженоста на децата за онлајн-ризиците драстично расте кај децата од девет до 12 години.
Александар Самарџиски, новинар во „Нова Македонија“