Активирај се | Создадено од вас |

Кога „екохоби“ ќе стане стил на живот

feat-img

Билјана Муфишовска од скопската гимназија „Никола Карев“ на своето работно место е одлична професорка по англиски јазик. Но, штом ѕвончето го означи крајот на последниот час од нејзиниот работен ден, Муфишовска станува и најголем еко-активист. Таа слободното време го посветува на еко – едукација на нејзините ученици, како и на сите оние кои ја опкружуваат.

За мотивираноста и интересот за екологијата и заштитата на животната средина, професорката вели: „Не пречи никому. Напротив откриваме многу нешта за сѐ околу нас и најмногу од сѐ откриваме за нас самите. Кога се занимаваме со екологија лесно може да покажеме дека е корисно да се биде одговорен, покажувајќи грижа не само кон сегашните, туку и кон идните генерации. Уште ако тоа го правите на начин и да се забавувате, сметам дека секој би посакал да проба“.

Мушифовска не го занемарува и здравиот начин на функционирање, кој го смета за приоритет во животот на младите. Денес постојат многу начини да се разбуди нивната еколошка свест, па така нејзиното хоби станува стил на живот и на нејзините ученици надвор од училишниот живот. „Таа постојано нѐ стимулира на интересни работилници, како што се еко-креативците и еко –дебатерите. Дури формиравме и еко-патроли низ училиштето кои се грижат за целокупната еко-слика.“, вели нејзин ученик од трета година.

eko-biblioteka1Муфишовска е една од иницијаторите за создавањето на сончевиот колектор во гимназијата, реткост со која може да се пофалат нејзините ученици-иноватори. Нејзината креативност во слободното време осмисли и уникатен еко-бенд кој го носи симболичното име  „Смет“. Со него,  учениците учествуваа  на меѓународниот еколошки настан „Светскиот ден на акција“. Бендот предизвика големо внимание насекаде каде што учествуваше, бидејќи инструментите беа пластични шишиња и канти за отпад. Интересот на професорката Муфишовска Билјана деновиве е насочен кон детскиот  филмскиот фестивал „Џифони“, каде што ќе учествува со своите ученици. Подготовките се во тек и таа работи со учениците од сите четири години.

Нејзиниот талент за организирање и менаџирање на настани надвор од наставата кои сепак ги едуцираат децата е огромен. Особено интересна е нејзината посветеност и љубов, бидејќи сѐ е нејзина иницијатива и идеја. Таа е еден интересен пример како може да се добие едукацијата преку забава, а сето тоа да претставува интересно хоби и да исполни сечие слободно време.