Колку младите можат да го променат нашето општество?
За среќа, постојат форми на автентичен младински активизам предводени од способни млади луѓе кои одбиваат да се помират со сето она што е спротивно на нивните верувања, односно што е спротивно на принципите поради кои се одлучиле за одредена област на професионален и личен ангажман.
Се чини дека денешната младина во нашата земја има потенцијал да го трансформира општеството преку својата енергија, креативност и ангажираност. Младите луѓе можат да бидат двигател за економски развој, претставувајќи извор на нови идеи и претприемништво, односно движечка сила за иновации што ќе ја стимулираат економијата и ќе создадат нови работни места. Нивната ангажираност во целокупните општествени односи, во областите како образование, здравство и другите сектори, може да доведе до подобрување на квалитетот на животот за сите граѓани.
Покрај тоа, со учеството во политичките процеси, нивните гласови можат да ги одразат потребите и перспективите на новите генерации во донесувањето одлуки. Нешто што во денешно време е многу популарно се волонтерството и активизмот – преку кои младите можат да го обноват духот на заедницата и да ја засилат социјалната солидарност. Нивната улога во активирање на заедницата и во подигнување на свеста за важни прашања не е само значајна, туку е неопходна за изградба на подобро и попосветено општество. Но, за жал, тука е и незадоволството кај младината, постојаната потрага по подобри услови за живот и работа, најчесто надвор од границите на нашата држава.
Ова не е само потрага за нови можности, туку и реакција на ограничените можности и несигурноста која често ја чувствуваат. Младите бараат можност за развој, иновации и за кариерен напредок, а неретко тие можности ги наоѓаат во странство. Овој тренд претставува предизвик за нашата држава, којашто има задача да ги задржи своите најдобри таленти и да креира услови што ќе овозможат задоволство и ентузијазам кај младите.
Ентузијам има – потребни се можности
Според ученичката Ѓеоргина Ристевска, младите се важен фактор за промени во општеството.
„Само со добро образование, младите можат да ги направат радикалните промени во општеството, промени кои ќе значат многу. Една од тие промени, може да се каже, е и борбата против корупцијата во една држава. Ако младите се запознаат со овој проблем и ако доволно се обучат, сметам дека ќе одиграат важна улога во искоренувањето на проблемот.
Според тоа, ние денес мора да ги задржиме младите во државата со цел да можеме да ги решаваме нашите заеднички проблеми, но ако оставиме тие да си заминат, голем е ризикот дека ќе останеме без оние со кои можеме да jа водиме државата напред кон подобри успеси“, вели Ѓеоргина.
И ученичката Ана Илиевска смета дека младите имаат потенцијал да придонесат значителни општествени промени.
„Нивните свежи перспективи, енергија и подготвеност да го обноват и да го унапредат ова општество често водат до иновативни и моќни решенија и нови начини на размислување. Низ историјата, движењата предводени од младите донесоа трансформациски општествени, политички и културни промени, демонстрирајќи ја моќта на младите луѓе да поттикнат позитивни промени во општеството. Младината е спасител на секое општество“, вели Ана.
Секако дека младите можат да го променат денешното општество, но според ученичката Христина Цветановска, за да се истакне нивниот потенцијал, потребно е да им се обезбедат можности за нивно активно учество и да се слушне нивниот глас. Со поддршка и инвестиции во младите, Македонија може да израсне во поиновативно, поинклузивно и понапредно општество.
„Со нивното знаење, комуникација, образование, брзо и ефикасно може да се промени општеството. Тие можат да направат големи промени со своите примери, идеи, технологии. Денес повеќето од младите си заминуваат во други држави за подобра иднина, подобар живот. Но, ако самите одлучат дека можат да го променат општеството и државата во која живеат, младите генерации ќе чекорат по нивните стапки, ќе сфатат дека иднината е во нивни раце и дека тие можат да доведат до големи промени и да придонесат многу за општеството“, вели Христина.
Докторантката по право во ЕУ и асистентка на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје Леа Огњаноска-Ставровска смета дека, за да се случат промени, младите треба да имаат и одредена доза на верба дека промените се можни.
„Младите вообичаено се носители на промени во општеството, бидејќи се во позиција појасно да ги согледаат недостатоците, односно да ги детектираат лошите практики, критички да размислуваат и, би рекла, необременето да дејствуваат. Меѓутоа, за да се случи тоа, потребно е како предуслов да постои одредена доза на верба дека промените се можни. Во последните години постојаното вртење во круг, односно надградувањето на вкоренетите лоши практики доведе до тоа да се изгуби таквата верба, односно да стивне мобилизирањето заради дејствување. За среќа, препознавам форми на автентичен младински активизам предводени од способни млади луѓе кои одбиваат да се помират со сето она што е спротивно на нивните верувања, односно спротивно на принципите поради кои се одлучиле за одредена област на професионален и личен ангажман. Низ годините, таквото дејствување вообичаено се поврзуваше со студентите по правни и политички науки, кои некако природно се поврзани со тој порив на промена на општествените текови. Меѓутоа, сега се забележува и во некои други области, се забележува во областа на архитектурата, каде што младите луѓе, младите архитекти укажуваат на одредени состојби поврзани со просторното планирање, со урбаното живеење, односно укажуваат на потребните услови за живот во одредени населени места и даваат свои идеи какви промени треба да се направат од архитектонски аспект. Тоа се прашања коишто директно засегаат одредена поголема група на граѓани, без оглед на некои други лични определби и убедувања, и тоа е за поздравување, бидејќи сметам дека промените може да почнат, може да тргнат од такви конкретни прашања каде што победите што би се издвојувале би можеле да имаат ефект што се чувствува во секојдневното живеење. Исто така, верувам дека реформата на здравствениот систем единствено може да почне од младите кадри кои се доволно кадарни да се спротивстават на досега неодржливите политики“, објаснуваОгњаноска-Ставровска.
Автор: Ана Спасеска, ученичка од СОУ „Јосип Броз Тито“ – Битола