Активирај се | Создадено од вас |

Кратка, но незаборавна школа за новинарство

feat-img

Лазара Стојкова, СОУ “Ванчо Прке”, Виница

Живееме во свет во кој сме опкружени со безброј медиуми. Тие се секојдневие на секој човек. Среќавајќи ги насекаде околу нас, влегуваме во еден социализиран живот, во кој можеме да комуницираме и да се информираме токму преку нив. Читаме и споделуваме информации вести и пораки без да им ја знаеме целта и точноста.

Преку кампот кој го организираше Високата школа за новинарство и односи со јавноста месецов во Штип, јас и уште 29 други средношколци медиумски се описменивме. Преку овој камп научив како да препознавам вистинита од лажна информација, како се пишува вест, како да ги препознаам пораките кои медиумите ни ги испраќаат, и како да направам добра фотографија.

Понатаму, навлеговме во светот на новинарите, камерманите и монтажерите. Играјќи ги нивните улоги, успешно направивме ТВ емисија, преку која научив колкав труд треба да се вложи пред една ТВ емисија да стигне до публиката. Фотографиравме, правевме интервјуа, снимавме и на крај монтиравме сè во едно. Сета ова работа за четири дена. Изгледа напорно, зар не? Но, ниту јас, ниту било кој друг учесник на кампот, не осетивме никаков напор благодарение на професионалните предавачи, кои по цел ден беа со нас.

Тие се трудеа на најинтересен начин да ни го пренесат нивното знаење и да не поттикнат да размислуваме новинарски. И навистина успеаа во тоа. Најинтересна ми беше улогата на новинар во прилогот на мојот тим, кој е дел од ТВ емисијата “Прозорец” која ние ја направивме.  Морам да признаам, предавачите успеаа да разгорат жарче во мене кое ме натера да помислам дека мојата идна професија е можеби поврзана со медиумите.

Но пред сè, овој камп, освен работа и предавања, за мене претставуваше и голема дружба. Забава придружена со нашиот труд. Се запознав со деца од цела Македонија. Првиот ден, на предавањата се запознавме преку социјалните медиуми (Инстаграм, Фејсбук, Твитер), а се разделивме со ветување дека ќе останеме во контакт преку истите. Освен ова си разменивме и броеви за нашите долги разговори продолжат преку телефон. Нашата дружба несомнено продолжува и после кампов.

Искуство кое наоѓа примена на секое поле од животот. Дружба која вечно ќе трае. Доживување кое ни остави безброј спомени. Авантура која никогаш не би ја заборавила. Односно камп за медиумска писменост на кој во секој момент би сакала да се навратам.