Кривичните пријави на Антикорупциската комисија и нивната судбина
На есен, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе одбележи 20 години од своето основање. И покрај релативно долгата историја, институцијата сè уште се соочува со неколку проблеми кои ги имаше уште во првите години. Јавното обвинителство продолжува да ги отфрла или одолговлекува предметите на ДКСК.
Иницијативите на ДКСК не се преточуваат во обвиненија
Некако се реши „станбеното прашање“ откако ДКСК минатата година конечно доби свои простории, во центарот на Скопје. Но кадровски и понатаму е преполовена. Од 64 предвидени работни места во Секретаријатот, комисијата има само 34 вработени. Но, сепак тоа не претставува најголем проблем на институцијата.
Извор МИА
ДКСК годишно работи на илјадници предмети. Од 2019 година, кога беше избран актуелниот состав, евидентирани се 1727 предмети и тоа само од областа на корупцијата. Најголемиот дел (1676) се пријави од граѓани, а останатите се предмети отворени по сопствена иницијатива (51), покажа нашата анализа на годишните извештаи на ДКСК за 2019, 2020 и 2021 година.
Извор: Извештаи на ДКСК
Случаите со најсериозни наоди се преточуваат во иницијативи (кривични пријави) кои се испраќаат до јавните обвинителства. А ниту една од тие поднесени иницијативи, од изборот на актуелниот состав на Комисијата (2019 година), не се преточи барем во обвинение.
Извор: Извештаи на ДКСК
Од податоците кои ги добивме од извештаите на ДКСК, може да се види дека од 2019 година, Комисијата испратила вкупно 15 иницијативи за кривични пријави до Основното јавно обвинителство (ОЈО). По 14 работите се во тек, а една е отфрлена.
Случаи познати на јавноста
Голем број од овие случаи ѝ се веќе познати на јавноста. На пример, иницијатива против ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и в.д. директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, за кого Антикорупциска тврдеше дека земал плата од двете места. Или, пак, случајот против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за кого ДКСК покрена иницијатива поврзана со возилото „Ауди А6“, кое било набавено од страна на градоначалникот во услови кога Општината имала обврска рационално да троши пари поради блокирана сметка.
ОЈО за првиот случај ја отфрли пријавата на ДКСК, а за вториот соопшти дека процедурата е сè уште „во тек“, како и останатите претходно прикажани случаи.
Од ДКСК велат дека си ја вршат работата и дека испраќаат „јасно поткрепени иницијативи“ за кривични пријави. Во неколку наврати, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска обвини дека обвинителите не си ја вршат добро работата.
„Дали се тие обвинители или се тие бранители, навистина не ми е јасно. Имајќи предвид дека не е само оваа институција којашто поднесува пријави до обвинителството, имајќи предвид дека и Државниот завод за ревизија произведува голем број извештаи и наоди кои редовно се доставуваат до Јавното обвинителство, а не сме виделе сè уште некаков тек после тие наоди, самото по себе е коментар“, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска во интервју за 360.
Ставот на ОЈО на ваквите обвинувања, покажуваат архивите на медиумите, е дека одбивањето или бавното постапување по иницијативите е поради тоа што дел од предметите им се „веќе познати“, а за останатите велат дека „не се кривични дела кои се гонат по службена должност“.
Ивановска: Корупцијата има длабоки корени
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“, изјави дека корупцијата е голем проблем со многу длабоки корени.
„Ние како институција сме надлежни во спречувањето на корупцијата, но не сме единствени. Може да даваме насоки, да препорачуваме, да кажуваме што треба, што не треба, но главните актери се самите институции на чело со првите луѓе“, изјави Ивановска за „Утрински брифинг“.
Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК/ Извор на Фото: МИА
Во истото интервју, Ивановска заклучува дека корупцијата е внесена во толку пори во државата и ќе мора да се направат радикални промени. Според неа, треба да се бараат механизми за одглавување, а ДКСК нуди такви.
Актуелен случај: Рашковски и Зеќири
Нова шанса за подобрување на соработката меѓу ДКСК и јавните обвинителства се двајцата поранешни генерални секретари на Владата, кои се товарат за незаконитости во различни случаи на јавни набавки. На Драги Рашковски веќе му се суди, а Мухамед Зеќири е во притвор откако против него беше отворена истрага.
ДКСК неодамна поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство Скопје, против Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, поради сомнение за сторени други кривични дела при извршување на нивната службена должност.
Како законска основа за оформување на предметот од ДКСК е наведена информацијата која во текот на април 2021 година ја објавија неколку медиуми – дека Владата на Република Северна Македонија за потребите на Генералниот секретаријат – заради извршување на специфични ангажмани, врз основа на авторски договори ангажирала поголем број физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари кои за само еден месец изнесувале над 37000 евра, односно повеќе од еден милион евра за 2019 и 2020 година. Според наводите изнесени во медиумите, дел од ангажманите подразбирале советување, изработка на физибилити студии, пишување студии и соопштенија.
ДКСК стекна сознанија дека конечно, пред склучување на договор, Генералниот секретаријат писмено се обраќал до авторската агенција, од која барал склучување на авторски договор со конкретни лица чии лични податоци (име и презиме, матичен број, адреса на живеење, трансакциска сметка) се содржани во барањето, во кое се наведени задачите што лицето ќе ги извршува, месечниот надомест и периодот на ангажман. ДКСК стекна сознанија дека во периодот од 2017 до 2021 година од Генералниот секретаријат до агенцијата „Артпицк“ ДООЕЛ се испратени повеќе од 170 барања за изработка и склучување авторски договори со конкретни лица, велат од ДКСК.
Што понатаму?
Бидејќи станува збор за комплексен предмет, не е реално да се очекува Јавното обвинителство брзо да се изјасни за оваа кривична пријава на ДКСК. Во најмала рака, истражниот орган би требало да ги провери наводите и потенцијално да издаде наредби за проверки и вештачења.
Ако Обвинителството отвори истрага по пријавата од Антикорупциска, тоа секако ќе биде нов лист во релациите меѓу двете институции. Ако предметот остане вечно „во тек“, тогаш само ќе продолжи 20-годишниот антагонизам чија статистика покажува дека од 163 кривични пријава кои ДКСК ги поднела од своето основање во 2002 година, Обвинителството прифатило само 3.
Автор: Борјан Бојчев
Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.