Лино Червар: Од младите може да се научат многу работи
Неговата јасна визија и низата успеси направија тој да стане синомим за врвен стратег во Европа. Доаѓањето на некогашниот професор по хрватски јазик во „Металург“ значеше испишување нова историја за екипата од „Автокоманда“ и почеток на нова ера за македонскиот ракомет. Иако на тајмаут знае да се налути и да го повиши тонот, неговото име на секој натпревар еднодушно се скандира, бидејќи како што вели и самиот „сака да промовира заедништво“.
МЕДИУМ: Каков е Вашиот впечаток за Македонија и за ракометот кај нас?
ЛИНО ЧЕРВАР: Јас сум горд и чест ми е дека добив македонско државјанство. Македонија е прекрасна земја во која живеат многу добри луѓе. Ова што го работам во „Металург“ сметам дека е придонес за развојот на ракометот во Македонија. Да се биде селектор е огромна чест. Тука има солиден материјал, млади луѓе кои сакаат успех.Мило ми е што работам во една мала земја со многу гордост и достоинство.
МЕДИУМ: Колкава е одговорноста да се биде селектор на ваков голем тим?
ЛИНО ЧЕРВАР: Одговорноста е голема и никогаш во животот не сум бегал од неа. Дури и кога бев средношколец имав желба да бидам подобар и од мојот тренер, бидејќи мислев дека малку ме запоставува и дека не ми дава шанса. Сакав да му покажам дека можам да бидам и подобар од него. Отсекогаш сум и ќе бидам заштитник на младите луѓе. Секогаш имав големи симпатии кон младите особено кон средношколците затоа што вие младите имате многу подобри перспективи отколку ние постарите. Тоа значи дека вие имате повеќе оптимизам, верба и амбиции, па дури и повеќе мудрости. Од вас може да се научат многу работи.
МЕДИУМ: Од каде ја црпите енергијата во оние 60 секунди од тајмаутот кога треба да им ја објасните стратегијата на ракометарите?
ЛИНО ЧЕРВАР: Да се биде добар тренер, одличен ученик и професор треба да постои страст. Јас ја сакам оваа работа што ја работам. Тоа е мојата сила и мојот ентузијазам. Енергијата ми надоаѓа некаде длабоко од мене и мислам дека мојата харизма е дарба за да можам да ги водам луѓето, а во тоа уживам. Ме исполнува тоа да го водам тимот и да се борам за победата и големата желба добро да сработиме се и да бидеме добри луѓе. Но, за успех потребно е и исклучително многу работа.
МЕДИУМ: Важите за еден од најстрогите тренери. Кој е Вашиот коментар за таквиот примат?
ЛИНО ЧЕРВАР: Така изгледа. Јас имам две ќерки и четири внуци. Изгледам како да сум строг, но не сум. Сметам дека имам добрина во себе. Строг сум можеби затоа што имам голема желба за успех. Јас сум како и секој родител: малку строг, но сепак го исполнувам она што другите го сакаат.
МЕДИУМ: Што ќе кажете за дисциплината на нашите ракометари? Знаат ли некогаш да „фатат кривини“?
ЛИНО ЧЕРВАР: Постојат и такви моменти. Една поговорка вели: „ Не се плаши од луѓе што зборуваат, плаши се од лукави луѓе “. Тоа значи дека јас треба да бидам за нијанса полукав од нив. Тоа е еден вид надмудрување помеѓу играчите и тренерот. Не е се како во книгите каде пишува дека се е идеално. Никој од нас не е идеален. Мораме да најдеме еден заеднички јазик за комуникација затоа што кога сме заедно може многу работи да направиме. Јас промовирам заедништво. Сите за еден, еден за сите!
МЕДИУМ: Има ли разликата помеѓу ракометот некогаш и ракометот денес?
ЛИНО ЧЕРВАР: Мислам дека работите се исти. Единствената разлика е во тоа што динамиката на играта е подобра и играчите се поспремни.
МЕДИУМ: Која е Вашата порака до младите?
ЛИНО ЧЕРВАР: Работев осум години како професор по хрватски јазик и мојата порака до вас е дека треба да бидете големи оптимисти. Кога ви е тешко и кога имате многу да учите и да работите, кога вас не ве разбираат, ниту вашите професори во училиште, а ниту родителите дома, вие секогаш морате тоа да го претворите во нешто позитивно. Секогаш настојувајте во вашето семејство да преовладува задоволство и љубов и да се разбирате меѓусебно со родителите. Сметам дека семејниот дом и неговите вредности сСе средината во која што може да се афирмираат вашите успеси.
Интервјуто го направија: Андријана Јаневска и Георгина Јадиковска од гимназијата „Браќа Миладиновци“, Ангел Димитриевски од средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, Даниела Кајсторовска и Анѓела Илеска од економското училиште „Арсени Јовков“ и студентите на Високата школа Славица Филиповска, Александар Самарџиски и Ѓорѓе Камов