Активирај се | Создадено од вас |

Марјан Георгиевски, актер: Не бидете вечни чекачи на подобро време

feat-img

Актерот кој со својата оригинална смисла за хумор ја „запали“ публиката со неговите стендап настапи, Марјан Георгиевски во интервју за „Медиум“ раскажува за почетоците на неговата кариера и копа низ сеќавањата од средношколските денови.

Себеси се опишува како човек кој е целосно посветен на театарот и кој има мисија да издржи на своите налудничави идеи.

Медиум: Што е актуелно во моментот кај Марјан Георгиевски?

Марјан Георгиевски: Пред еден месец беше премиерата на мојата прва претстава која ја режирав „Кокошка“ од Николај Колада. Во меѓувреме, започнавме со проби на претставата „Антоније и Клеопатра“ во режија на Џон Блондел,  на почеток сме со проби и за претставата „Happy and“ на Идо Натенјаху во режија на Благој Мицевски, стендап комеди настапи, пишување на нови материјали и експериментирања за кои сѐ уште е рано да се зборува.

Медиум: Твоите видеа на Јутјуб редовно имаа и по илјадници посетувања. Со тоа за кратко време се издигна твоето име во јавноста. Како се одлучи првиот пат да пробаш да се занимаваш со стендап?

Марјан Георгиевски: Морав да се впуштам во таа ризична зона, да се изложам пред луѓето, морав да го истурам гневот на сцената. Немав друг избор. Немав грб, морав да бидам на сцената и по ризик на пропаст. Од самиот почеток бев изложен на многу критики, првично од колегите театарџии кои не познавајќи го доволно жанрот беа со жестоки критики против стендап комедијата, против сѐ она што се трудев да го направам. После одредено време, настапите во книжарници, локали, библиотеки, училници, плоштади, сцени, центри за култури, салони, хали… ми донесоа повеќе од 250 настапи низ Македонија и балканските земји… и многу искуство. Немав поинаков избор освен тоа да се искористам себеси и сѐ она околу мене, да го коментирам, да го преиспитувам, да го исмејувам, да го провоцирам, да го поставам на тапет цело мое опкружување, се` она што ме фрустрира, омаловажува, игнорира, сѐ она што ми предизвикува болка – за сѐ тоа сакам да зборувам. За својот леб морав да се борам со својот грб, ааа…. да, и кичма.

Медиум: Може да се каже дека стендапот беше тоа што те лансираше високо во твојата кариера. Но, што ти лежи тебе повеќе, играњето на комични или трагични ликови?

Марјан Георгиевски: Не се чувствувам дека стендапот ме лансирал високо во мојата кариера, зашто лансирање и кариера во Македонија не постои. Pостои само работа и трагање по некаква и одамна изгубена смисла. Еве и да постои кариера кај нас, јас за жал не сум високо лансиран, никогаш не сум синхронизирал турска серија. Театарот е место кадешто постојано се трага, така што не мислам дека ликовите можам да ги поделам на полесни и потешки. Секој лик на некој начин е трагичен, а некој е комичен – само зависи од кој агол го гледаш.

Медиум: Минатиот месец во претставата „Кокошка“ во Битолскиот народен театар публиката можеше да го види Марјан и во улога на режисер. Како си задоволен од таа изведба и дали е ова почеток на нов правец во твојата кариера?

Марјан Георгиевски: Јас сум посветен на театарот и сцената. Воопшто незнам каде ќе ме однесе трагањето, не знам до каде може да ме дотера животот.

Медиум: Во што се пронаоѓаш повеќе, како актер или режисер?

Марјан Георгиевски: Како човек кој се занимава со театар и кој има некоја мисија да издржи на своите налудничави идеи.

Медиум: Имаат ли младите навика да одат во театар?

Марјан Георгиевски: Мислам дека младите не само во театар, туку е тешко да ги придвижиш за различни активности во ова време кое ги шокира со небитни информации, ги замајува и ги пасивизира притоа вметнувајќи им во главите трули вистини. Среќен сум кога гледам млади кои доаѓаат во театар, млади кои одат во библиотека, кои разговараат за уметност… активни млади кои навистина се грижат за себеси и за својот развој.

Медиум: Каков беше Марјан како средношколец?

Марјан Георгиевски: Тотално незаинтересиран, демотивиран, баш бев на погрешно место заглавен. Само чекав да поминат тие четири години, гледав  само на тоа што ме чека, имав многу силна амбиција за театарот. Мечтаев… уф колку бев посветен.

Медиум: Се сеќаваш ли на некоја интересна случка од твоите средношколци денови?

Марјан Георгиевски: Мислам дека секоја случка би била интересна кога би знаеле дека во класот бевме 35 машки.

Медиум: Што ќе им препорачаш на средношколците?

Марјан Георгиевски: Кога гледаат да знаат што да видат, кога слушаат да знаат како и што да слушнат. Да бидат свои, да бидат безобразни зашто им стои, да не прават компромиси, да бидат тие кои ќе остават белег на своето време. Да не бидат како нас, како мојата генерација – ЧЕКАЧИТЕ НА ПОДОБРО ВРЕМЕ.

Репортер: Ирена Каревска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста