Активирај се | Создадено од вас |

Матурантите од Гевгелија го одиграа матурскиот квадрил  

feat-img

Матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“, на 17 мај точно напладне, на шеталиштето во Гевгелија го одиграа познатиот матурски квадрил, на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“, како дел од „Матурска парада 2024“.

Стотина матуранти во Гевгелија го одиграа познатиот матурски квадрил со што го одбележаа крајот на нивното средно образование. Малку порано од останатите матуранти низ земјава, гевгеличани на 17 мај точно на пладне, танцуваа заедно со нивните врсници од Валандово. На самиот почеток од парадата, матурантите беа поздравени директорот на училиштето, Александар Делиџаков.

„Гевгелија е горда на вас. Овој танц нека биде ваш и наш момент да блеснеме и да му се радуваме на сето она што го постигнавме заеднички, изминативе четири години. Ви посакувам лична среќа, успех во натамошното школување, храброст и остварување на сите желби и убави нешта во животот“, рече Делиџаков.

Порака до своите ученици упати и професорот Тони Аврамов кој им порача  дека секоја патека што се започнува треба да се изоди до крај, и дека секој врв што се искачува треба да се освои.

„Вие, генерацијата на промените, генерацијата која не запре и кога сите се колебаа за вашата сегашност, знаевте дека нема поголемо богатство од она што се точи од нашите искуства и знаења. Вие што знаевте и временската прогноза да ја промените и наместо дожд да ни донесете сонце. Вие утре ќе бидете наши професори, наши работници, лекари, директори, вие полни со енергија искачени на тронот од неизвесноста. Драги матуранти, не заборавајте дека ништо не е невозможно во животот, па самиот збор невозможно го содржи зборот возможно, затоа имајте на ум дека можеби нема да го промените светот, но докажете му дека сте овде и дека промената сте вие. Нека ви е светол патот по кој ќе чекорите во иднина“, им порача професорот Аврамов.

Учениците, пак, во име на својата училишна генерација, им се заблагодарија на своите наставници кои четири години ги воспитувале и им давале знаење.

„И така доаѓа крај на ова поглавје исполнето со безвремено искуство стекнато во изминатите години, кое е од големо значење за нашата иднина, а ние истовремено се впуштаме во едно ново“, вели Марија Ушчева, матурантка.

„Во име на нашата генерација 2020/2024 сакаме да му се заблагодариме на нашето училиште СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, кое четири години не згрижи, ни пружи знаење и не сплоти со ученици од различни краеви. Исто така, им се заблагодаруваме за организацијата на нашите драги професори кои ни овозможија овој танц да се одржи денес“, вели Емилија Москова, матурантка.

Автор: Тамара Дронова, ученичка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија