„Медицината е мојата примарна професија, но пеењето секогаш ќе биде дел од мене “- интервју со доктор Марија Ичкова

Младата вокалистка Мaрија Ичкова од Богданци успешно комбинира две наизглед неспоиви пасии – медицината и музиката. Таа дипломираше на Медицинскиот факултет и активно се занимава со пеење, освојувајќи ја публиката со својот талент.
Колку беше тежок патот од училишните клупи во СОУ„ Богданци“ до дипломирање на Медицински факултет?
Дефинитивно беше ново искуство и голем предизвик. Патот до таа цел не беше лесен и имаше свои „моменти“, но јас уживав во ова патување. Кога ќе се вратам наназад, се сеќавам дека долго време во главата ми се вртеше само една мисла, а тоа е дека сакам да направам нешто од себе. Љубовта кон медицината, желбата за успех, континуитетот во учењето, постојаните вежби и добрите дружби со колегите се нештата што ме протуркаа до крај.
Накусо какви Ви беа средношколските денови во СОУ„Богданци“? На што се сеќавате најмногу?
Знаете, понекогаш ненадејно ќе се сетиш на нешто од средношколските денови и истиот момент насмевката ти доаѓа сама, и тоа „од уво до уво“… Прекрасни моменти, палавштини, нешта што сега се смешни, а во тоа време биле „сериозни и важни“. Учевме, одевме на натпревари, членувавме во секции, се дружевме, се каравме, ама кога требаше да се изгуби час или да се одложи испитувањето, тогаш сите бевме едногласни и сложни. Кога ќе се сетам на моите другари, на професорите, на сите моменти во тоа училиште… дефинитивно еден преубав период од мојот живот.
Што Ве инспирираше да станете лекарка?
Почетната причина да размислувам во тој правец беше биологијата и процесите во човечкото тело, кои отсекогаш ми биле интригирачки. И после мало истражување за медицината како наука и најхумана професија, сфатив дека токму тоа ме привлекува. Мислам дека беше првата недела на факултет, со првите предавања и вежби, паметам дека ѝ се јавив на мајка ми и ѝ реков: Токму ова е за мене, ова е тоа што сакам да го работам. Сакам да бидам лекар.

Повеќето знаеме дека Вие покрај примарната професија, се занимавате и со пеење. Како го постигнувате сето тоа?
Присутноста на пеењето/музиката покрај медицината во мојот живот е она со кое го постигнувам балансот и ме прави целосно исполнета. Понекогаш мора да жртвувам малку од сонот и слободното време, но дефинитивно вреди. Клучот е, сè што правиш, да биде од љубов, бидејќи само така и само тогаш можеш да ја почувствуваш убавината во тоа што го работиш и да те исполнува целосно. Тогаш забораваш на уморот, а сè друго е навика.
Ако би дошле во тешка ситуација, каде што треба да бирате помеѓу медицината и пеењето, за што би се одлучиле?
Ова прашање понекогаш и сама си го поставувам и секогаш имало само еден и единствен одговор – за обете. И никако поинаку. Медицината е мојата примарна професија и нешто што сакам да го практикувам цел живот, но во секој сегмент тука ќе биде присутна и музиката. Можеби нема да можам секогаш професионално да се занимавам со пеење, но пеењето секогаш ќе биде дел од мене, дел од моето слободно време, тоа е начинот на кој се релаксирам и функционирам. Едноставно, тоа е мојот начин на живот.
За крај, кој е најважниот животен совет што сте го добиле, а би го споделиле со нас?
Во животот, за да бидете успешни и да напредувате, мора да излезете од вашата комфорна зона. Единствена граница на сè што можете да постигнете сте самите вие.
Автори: Јована Николиќ, Марија Симиќ, Анита Нунова од СОУ „Богданци“ – Богданци