Активирај се | Создадено од вас |

Медиумскиот ден вклучи стотина средношколци во медиумите

feat-img

Околу стотина тинејџери ја осознаа и учествуваа во продукцијата на неколку меинстрим медиуми во Македонија на првиот Медиумски ден за средношколците што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста го организираше на 12-ти декември.

Средношколците ги посетија редакцијата, студиото и режијата кадешто се подготвуваат информативните емисии на Македонската телевизија, додека во вестите говорник беше средношколка и се емитуваше ТВ прилог изработен од средношколци. Во Радио Метрополис и во Сити Радио учениците се вклучија во контактните програми во живо, а во весникот „Нова Македонија“ и во веб порталот „Телеграф.мк“ дискутираа со уредници и новинари за тоа како се креират медиумските содржини и за предизвиците во новинарството.

„Младите треба да бидат медиумски писмени бидејќи тие мора да препознаваат што е добро, а што е лошо, и со тоа да има здрава и нормална генерација којашто нема да подлегне на девијантно и неприкладно однесување на одредени програми, актери и личности кои се во јавноста и на телевизија.“, изјави средношколецот Ангел Пејковски.

Учесниците кажаа дека отсекогаш се интересирале за медиуми, но дека првпат Медумскиот ден им овозможил да се запознаат одблиску како тие функционираат. Некои од нив дури и ги поттикнал идната професија да ја бараат во новинарството и медиумите.

mediumski-den1„Медиумскиот ден е одлична идеја бидејќи им овозможува на учениците да видат што се случува зад камерите и микрофоните. Ова за мене е едно ново искуство, но ми остави голем впечаток, така што можам да се пронајдам во една ваква работа. Многу добар начин да знам каде да се ориентирам понатаму бидејќи ова ми е последна година од средното училиште.“, се дел од впечатоците на средношколците.

Медиумите известуваа за цело време на Медиумскиот ден, а средношколците коментираа и споделуваа за настанот на Фејсбук страницата medium.edu.mk и на хаштагот на Твитер – #МедиумскиДен.

Медиумскиот ден се организираше под слоганот „Размислувај критички, делувај етички: Во и надвор од училница“ и имаше за цел да посочи на важноста на медиумската и дигиталната писменост во институционалното образование. Медиумската писменост ќе ги научи средношколците како да ги користат позитивните аспекти од популарната култура при личниот развој, ќе им помогне критички да ги анализираат медиумските содржини и да ги разбираат пораките на сигурен и етички начин. Медиумски оспособени тинејџери ќе умеат да ги употребуваат мултимедијалните алатки креативно во учењето и во изразувањето на ставовите за прашања од „реалниот свет“.

Медиумски ден за средношколците се организираше во рамки на проектот „(Де)конструирај ги медиумите“, поддржан од Амбасадата на САД во Македонија.

Повеќе фотографии, видеа и медиумски написи од настанот