Активирај се | Создадено од вас |

Мисија ми е да го менувам светот

feat-img

Ана Голејшка е млада поетеса, силна поборничка за љубов, но и социјален активист во рамки на граѓанската иницијатива #ретвитниоброк. Помага на бездомни луѓе и социјално загрозени луѓе , а нејзина мисија е да го нахрани светот и да извојува големи и мали победи над гладот. Плени со својата чудесна енергија и позитивност. Живее во Скопје, а дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”.

МЕДИУМ: Што претставува пишувањето за тебе?

ГОЛЕЈШКА: Пишувањето ми е живот, нешто блиску до дишењето. За мене тоа е начин да ги ослободам сите заробени мисли, да го нацртам сводот, да се зачувам себеси и другите од заборав.

МЕДИУМ: Какво мислење имаш за односот меѓу младите и поезијата и колку си надежна на таа тема ?

ГОЛЕЈШКА: Надежна – многу ! Само им посакувам на младите што повеќе време за себепродлабочување и многу, многу читање. Јазикот се спознава низ различни приказни, од секојдневието, но и од традицијата. За да постои младост и поезија, мора да постои факторот време. Времето во кое новите млади пишуваат, е брзо, молскавично, уште полудо од она што јас го доживував. Се’ е очајно брзо. Но, бескрајно имам надеж, затоа што додека има млади што искрено чувствуваат, читаат, љубат, губат… И поезијата ќе ги има нив. МЕДИУМ: Ти си една од ретките луѓе, кои, активно придонесуваат за промени кон подобро општество. Дел си од иницијативата ,,Ретвитни оброк”. Дали можеш да ни кажеш нешто околу тоа?

faca na mesec golejshka1 330x200ГОЛЕЈШКА: ,,Ретвитни оброк” е мојата прикаска, мојата пасија претворена во активизам. Не можам да си го замислам животот без љубов кон храната. Првиот контакт со кујната и воопшто храната, ми е всаден во меморијата од дете. ,,Ретвитни оброк” е само сведок на една лична визија за подобар, нахранет свет. За рециклирана храна, за споделена емпатија за која страда светот. На оваа планета, има толку многу нешта што можат да се распределат за да биде фер сечиј оброк, што преку оваа акција се обидувам да маркирам, да забележам една мала историска победа над гладот. На некој начин, секоја недела извојуваме мали триумфи-нахрануваме стотина бездомни и социјално загрозени луѓе во Скопје, но мисијата за мене метаморфозира – сега сакам да ја спасам храната, а со тоа и нашето општество.

МЕДИУМ: Покрај #ретвитниоброк, дел си и од настан, кој е како топла прегратка за вљубениците во пишаниот збор-,,Астални проекции”. Како ги доживуваш и кое чувство те следи ?

ГОЛЕЈШКА: ,,Астални проекции” е моето Дома. Моето родилиште, моето светилиште, моето огниште, мојата природна појавност. Сцена, простор, светло, миг, поезија, микрофон, дајре, вечност. Никогаш не го замислувам својот живот „дека ќе биде вака или онака“. ,,Астални” е спонтана песна која трае четири сезони и дух и тело сме јас и Ѓоко Здравески. Чувството е силно, извирање кое не престанува. Како секој прв вторник во месецот да си на висока служба за продуцирање енергија. Нема поубаво нешто. Некогаш е и умор, но во суштина ,,Астални” се поетско читање кое не сака да биде ограничено.

МЕДИУМ: Што мислиш, која е движечката сила, онаа која буди поттик да се биде и остане позитивен и полн со верба и љубов?

faca na mesec golejshka2 330x200ГОЛЕЈШКА: Мисија ми е да го менувам светот. Секогаш постои нешто повеќе зад нашиот поглед, ум и перцепција. Не е можно да не постои љубов и на друго место. Се прашувам секогаш дали сум сама во ова чувство. И секогаш се појавува некој знак кој ми вели дека не сум. Знам дека многумина имаат иста волја како мене – да направат нешто добро, корисно, да не паднат под искушенијата на материјалниот, плиток свет кој не опкружува и се бориме заедно. Движечката сила е вечната борба во која нема победа. Има само освојување нови димензии. А за да имаш сила – ти треба љубов, многу трпение, ум и да веруваш дека тоа ти е дадено.

Aнгеловска Викторија, СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје