Младите ја „презедоа“ Владата

На 20 ноември 1989 година, во генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк беше потпишана Конвенцијата за правата на детето. Со неа се озакони дека децата се индивидуи кои не припаѓаат на своите родители и тие треба непречено да уживаат во детството, односно до 18-годишна возраст. Во рок од 30 години, стапката на смртност кај деца до 5 години се намали на 50 проценти, скоро половина од незгрижените деца се згрижени и 2,6 милијарди деца имаат чиста вода за пиење, но сѐ уште има простор за подобрување и работа.
Светскиот ден на децата (20 ноември) низ светот се одбележува со различни активности. Кај нас, во Владата на Република Северна Македонија, УНИЦЕФ и Младинскиот образовен форум организираа т.н. „преземање“ (#KidsTakeOver) на Владата од деца и млади луѓе. Во владиниот објект на заедничка маса седеа млади луѓе заедно со премиерот и министрите и говореа на 6 теми: аерозагадувањето, невработеноста, квалитетот на образованието, младинското учество, насилството и инклузијата. Секој млад говорник имаше улога на младински застапник. Пред настанот, 21 млад човек од цела Северна Македонија ги разработуваа овие шест теми на тридневната обука.
Еден од говорниците бев и јас, Стефан Митиќ, средношколец во гимназијата „Орце Николов“ од Скопје.
Својот говор го започнав со тоа што ги прашав присутните како дошле на овој настан. Зборував за тоа дека јас возам велосипед без разлика на временските услови, затоа што мислам дека ќе помогнам да се намали загадувањето. Истакнав дека компаниите, индустријата и државата не преземаат ништо за да се промени состојбата со загадувањето на воздухот. Се повикав на Архуската конвенција која налага право на информираност. Меѓутоа, проблемот е што како граѓани немаме точна информација колку е загаден воздухот. Издвоив 4 клучни аспекти во кои ние како младина гледаме проблем – несоодветноста на системот со мерни станици низ целата држава, греењето на државни институции со фосилното гориво мазут, влијанието на загадувањето од индустриските погони и погрешната распределба на енергетски ресурси во поглед на обновливите извори. Го завршив својот говор со тоа што кажав дека младите го препознаваат проблемот и даваат конкретни решенија, а возрасните само зборуваат за него.
Михаела Трајкоска ја објасни нејзината дилема поврзана со продолжување на кариерата. Таа се двоуми помеѓу остварување кариера блиску до семејството и пријателите или заминување од државата во потрага по подобри услови. Михаела вели дека невработеноста на младите е висока поради несоодветното образование и според неа, младите имаат лоша перцепција кон стручното образование и побара да има Центар за кариера во секој град.
- Треба да има распределба на професиите и потребите на трудот – истакна Михаела.
Бисера Шегмановиќ ја нагласи недоволната опременост на одредени училишта низ земјата. Таа ја опиша улогата на ученикот како пасивен слушател за време на училишниот час и кажа дека иако некои училишта имаат модерна технологија, како што се паметните табли, професорите не се обучени да ги користат. Таа го спомна резултатот од тестирањето „ПИСА“, кое ја пласираше Македонија на 68 место од 70 држави, што е доказ за функционалната неписменост на учениците. На крај, Бисера ја долови целта на образованието како начин да се создаваат активни граѓани кои ќе придонесуваат за општеството.
Исра Зеќири преку својот говор кажа колку е важно средношколското организирање како дел од младинското учество. Таа ја нагласи потребата младите да се активираат и критички да размислуваат, да знаат како да се вклучат во општествените процеси и да имаат сила. Според Исра, мора да се донесе законско решение кое ќе ги обврзува општините да се фокусираат на суштината на нивното постоење.
Лука Павиќевиќ го започна говорот со приказна за младо момче кое се плаши да оди на училиште од страв да не го нападнат. Според Лука, потребно е да се развие комуникацијата и да се препознава врсничкото насилство. Но за да се постигне ова е потребна едукација на професорите, психолозите, а и на децата.
- Потребно е да ни ги дадете алатките за сами да се справиме со насилството во дигиталната сфера. Сега, во ова дигитално време, секој ден поминуваме повеќе од 6 часа на интернет. Секој може со два клика да креира лажен профил на социјална мрежа. Ова е одлична почва за развивање на онлајн-насилство – нагласи тој.
Потребни се нови политики за еднакви можности за да младите бидат еднакви во земјата, вели Елиза Абдија.
- Да ни овозможите соодветни програми за нашите индивидуални интереси, за лично и активно партиципирање и интеграција. Законот за персонален асистент ги опфаќа само луѓето од 18 до 64 години. Што е со другите што не влегуваат во оваа категорија? – праша Елиза.
Таа наброја недостатоци во однос на програмите и алатките во училиштата, аудиопрограми на мајчин јазик, но и лифтови за лицата со инвалидитет.
Владините претставници рекоа дека се спроведени или ќе се донесат дел од законите и мерките што ги споменаа младите. Според властите, ќе се организираат средби и дебати преку нивните организации за имплементирање на решенијата што ги предлагаат децата и младите.
Извор на фотографии: Архива на Флицкр (Flickr) на Влада на Република Северна Македонија
Автор: Стефан Митиќ, СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје