Младите мора да се научат како да се справат со емоциите!

Емоционалниот живот кај младата популација во нашата земја е на многу ниско ниво. Кај нас, сите – и наставниците и учениците и родителите, се премногу фокусирани на успехот со оценките, но е неопходно да се обрати внимание и на менталното здравје на младите. Потребно е дејствување и во таа насока, младите да добијат поддршка и да научат да се справат со емоциите, бидејќи менталното здравје е неизоставен дел од животот. Потребно е издигање на свеста кај луѓето, особено кај професорите и надлежните институции кои работат во областа на образованието за да се посвети повеќе внимание на емоционалното созревање на учениците.
Вакви пораки беа испратени од јавниот дијалог кој месецов се одржа во просториите на Град Скопје, на темата „Емоционалната компетентност како цел во нашиот образовен систем“, а во рамките на проектот „Развивање на емоционалната компетентност“.
Најмногу слушатели имаше токму од најзасегнатите – средношколците, но присуствуваа и професори и психолози од различни средни училишта, претставници од невладиниот сектор и од Град Скопје, родители итн.
ДУРИ 43 ОТСТО ОД ДЕВОЈЧИЊАТА ИМААТ ДЕПРЕСИВНО РАСПОЛОЖЕНИЕ
Психологот од СУГС „Орце Николов“, Ана Попризова, ги сподели загрижувачките податоци од последното истражување на Светската здравствена организација за менталното здравје на учениците. Студијата направена во 48 земји на млади на возраст од 13 до 15 години покажува дека 22 проценти од хетеросексуалните млади чувствуваат психосоматски тегоби, а таков проблем имаат дури 45 отсто од девојчињата на таа возраст.
– Ова можеме да го поврземе со емоциите, зашто многу често се случува не успевајќи и не знаејќи да се справуваме со емоциите, психата и телото така да функционираат, се развиваат психосоматски тегоби. Главоболки, болки во стомакот, алергии, тешкотии со концентрација, напнатост и раздразливост. Ова може да значи дека многу девојчиња во една недела повеќепати чувствуваат вакви симптоми – рече психологот.
Истата состојба, посочи таа, е и со чувството на нервоза кое е присутно кај околу 45 отсто од девојчињата и кај 27 отсто од момчињата. Попризова ги истакна и тешкотиите на учениците со концентрацијата, бидејќи студијата покажала дека нив ги имаат 29 проценти од девојчињата и 16 проценти од момчињата.
Психологот го истакна и проблемот со депресијата.
– Околу 24 отсто од момчињата и 43 отсто од девојчињата имаат депресивно расположение и суицидни мисли. Значи дека ова можеме да го толкуваме во насока на тоа дека свеста и емоционалниот живот генерално, со оглед на состојбата на менталното здравје кај младата популација, се на многу ниско ниво во нашата земја – нагласи Попризова.
Меѓутоа, кое е решението? Како што посочи психологот од скопското училиште, трендот и во европски и во светски рамки е во насока на младите да им се дава поддршка да се учат да ги развиваат вештините за тоа како да се справуваат со своите емоции, затоа што ако не знаат како да се справат со својата тага, ако не знаат на кого да се обратат, тогаш таа тага можеби ќе премине во депресивно расположение или ќе оди и во некои други посериозни психички проблеми.
МЛАДИТЕ РЕАГИРААТ ПОИНТЕНЗИВНО И ПОРАДИ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
Психологот од уште едно скопско училиште, СУГС „Георги Димитров“, Светлана Аспровска-Тодоровиќ, пак, во дел од нејзиниот настап на јавниот дијалог зборуваше и за тоа каква е улогата на социјалните мрежи врз емоциите кај младите, посочувајќи дека она што денеска се гледа како феномен е дека младите ги доживуваат емоциите многу поинтензивно.
– Младите реагираат интензивно и кога емоцијата реално нема толку големо покритие за таквата емоционална реакција. Дел од тоа, да речеме, го наоѓам и поради влијанието од социјалните мрежи. За едно дете да научи што е емоција и какви различни видови емоции има треба да ги контактира индивидуите со емоциите, а она што нашите деца најмногу го прават е следење на социјалните мрежи, што претставува фатена емоција во еден момент. Најчесто и „наместена“ емоција во одреден момент. За да имаме различност на емоциите ние мора да направиме директен контакт. Емоционалната свесност значи дека ќе го препознаеме и кога е среќен и кога е помалку среќен, и кога е тажен, а не само тоа од фотографијата којашто ја гледаме на профилот – образложи Аспровска-Тодоровиќ.
И таа ја истакна потребата дека треба да ги помогнат учениците како да се справат со емоциите, како да ги препознаваат, а потоа и како да ги контролираат односно да ги приспособат и да ги покажат онолку колку што дозволува одредена ситуација.
Покрај психолози и професори, во јавниот дијалог зборуваа и учениците за нивните стравови и стресови, но и за тоа што може да се промени. Дора Смилевска, ученичка во трета година во СУГС „Георги Димитров“, ја истакна важноста на класниот час и дека тој треба да се користи за продуктивни активности и разговори, а не само за пишување изостаноци. Таа предложи дека за емоционално созревање можеби треба да се воведат и нови активности како што се учење на медијаторство и учење на техники за запознавање.
За оценувањето и какви емоции буди тоа кај учениците, пак, зборуваше Леа Дојчиновска, ученичка во четврта година во СУГС „Орце Николов“.
Што е толку застрашувачко кај оценувањето? Оценувањето е најголем извор на стрес и анксиозност кај учениците денес. По дефиниција, низ процесот на оценување на учениците треба да им се овозможи да учат и да го покажат своето знаење, вештините и ставовите, а оценките да дадат повратна информација како ученикот може да напредува. Дополнително, средното училиште би требало да нè изгради во емотивно стабилни и образовани личности и да нè подготви за понатамошно, повисоко образование. Но за жал, нашиот образовен систем не ни го овозможува ова во целост. Ни нуди многу неспани ноќи, затвореност во четири ѕида и стрес пред и по оценувањето. И во овој 21 век, додека во училиштата низ светот постојат часови на кои учениците учат за вештини како да се справат со стресот и притисокот, кај нас сето тоа сè уште е табу-тема – рече Дојчиновска во дел од нејзиното излагање.
Овој јавен дијалог на кој зборуваа ученици, професори, психолози и сите засегнати страни беше завршен настан на проектот „Развивање на емоционалната компетентност“, кој е поддржан од буџетот на Град Скопје, преку Програмата за активностите во областа на образованието на Град Скопје за 2019 година.