Активирај се | Создадено од вас |

Младите без заштита во сајбер просторот

feat-img

Од „Јавна соба“ до секојдневни злоупотреби на идентитети, фотографии, податоци. Младите се под голема закана во сајбер просторот. Само лани се пријавени 234 хакерски напади, но бројот е многу поголем зашто дел од нападите воопшто и не се пријавуваат.  

Во дури 70% од нападите, жртвите биле од женски пол. Најчесто им се злоупотребувал идентитетот на социјалните мрежи, без нивна согласност се споделувале фотографии во разни групи за што беа покренати и судски случаи, но, се креираат и лажни профили од коишто се испраќаат пораки, се прават обиди за собирање или крадење на податоци кои подоцна се продаваат. Од Агенцијата за заштита на податоци излегоа со алармантни бројки – во просек, од 3000 креирани профили, околку 740 се лажни.

Но, она што особено загрижува е што младите во сајбер-просторот сами на себе си стануваат волци и меѓусенбно не се поштедуваат во меѓусебните напади. Борис Ристовски, специјалист за нови технологии вели дека во сајбер просторот младите се најмногу погодени меѓу себе односно дел од нападите доаѓаат од соврсниците, соучениците.

Последиците од онлајн нападите не остануваат само во сајбер просторот, напротив, жртвите се изложени на трауми и стресови, па дури и на стигма во јавноста што доведува до двојна виктимизација, како во случајот со „Јавна соба“. Но, и обичните напади можат да остават сериозни последици ако жртвата е млад човек. Нашата приватност е наше право кое не треба да биде нарушено.

„Млад човек во развој на којшто и тоа како му значи мислењето на другите и репутацијата којашто ја има, а сѐ уште ги нема алатките како да се справи, може многу негативно да влијае, може да се појават дури и анксиозност кај даденото лице, да се појави затворање и повлекување во себе.“, укажува Черепналкова – Трајкоска.

Развојот на технологијата доведе до прелевање на насилството врз жените и девојките од реалниот во интернет просторот. Но, институциите се троми и сѐ уште не ја препознаваат сериозноста на овие случаи и потребата од итно и ефикасно постапување, предупредува адвокатката и активистка Наташа Бошкова.

„Најголем предизвик е препознавањето на случаите и нивното пријавување. Жртвите најчесто се засрамени и се обвинуваат себе си за тоа што им се случило. Затоа е важно институциите да постапуваат брзо и ефикасно за да можат  жртвите да стекнат доверба и да останат активни во текот на постапката. Мал е бројот на судски случаи кои имаат завршница со казнување. На пример, во случајот „Јавна соба“ беа казнети само администраторот и основачот на групата, иако имаше основ да биде гонета поголема група на луѓе. И во овој случај, жртвите беа занемарени и не ја добија соодветната поддршка ниту компензација за сторените повреди.“

Но, понекогаш има и позитивна судска пракса, како во случајот со битолската „Јавна соба“, каде биле злоупотребени фотографии од жена направени при видео разговор. Случајот доби епилог, иако најдобрата другарка на жртвата се откажала од сведочење поради страв од стигма.

„На крајот попуштивме со тоа што се откажавме од сведочењето на тој сведок, меѓутоа доказите беа доволни , имаше и други докази кои допринесоа до тоа делото да се докаже и сторителот да добие соодветна казна.“, вели адвокатката Котеска-Стисниовска.

Овој сериозен проблем е глобален. Сајбер просторот не познава граници, а тоа овозможува нападите да се случуваат во кое било време и на кое било место. За ова сведочи и нашата врсничка Роузи од Велика Британија чиишто профили биле хакирани.

„Во мојот случај јас ништо не направив, не стиснав на никаков линк, не се допишував со никого. Понекогаш не можеш ништо да направиш за да не бидеш хакиран, едноставно тоа е надвор од нашата контрола.“, вели Роузи од Велика Британија.

Но, за разлика од Велика Британија, младите од Македонија се соочуваат со многу поголем проблем зашто нашето образование недоволно ги следи технолошките трендови и не ги подготвува младите за опасностите кои ги демнеат во сајбер просторот.

„Нашите млади се значително помалку свесни и помалку информирани за опасностите коишто демнеат онлајн. Тоа се должи на неколку работи, да речеме медиумската култура, медиумското образование, но и стандардното образование каде што овие информации на се доволно приопштени. Останува на поединечни иницијативи на наставниците професорите дел и на родителите, но нема системско решение кој што ќе им помогне на младите.“, вели Џигал.

Кога формалното образование потрфрла, сајбер-експертите ги советуваат младите дека мораат да бидат многу внимателни кога се онлајн. Дел од советите се една лозинка да не се користи на повеќе платформи, да се внимава каде и кому се оставаат лични податоци, да се користат лиценцирани софтвери и двостепена автентикација, младите да станат свесни за опасностите коишто демнат, а институциите да бидат поажурни кога постапуваат во вакви случаи. Технологиите го менуваат светот, а тоа значи дека државите мора да ги следат трендовите, во спротивно, сопствените млади ќе ги изложат на огромен ризик.

Еве неколку совети како да се заштитите во сајбер просторот.

Автори:

Василка Карталова

Софија Енџекчева

Мелани Лакордова

Јоана Богоеска

Изабела Ѓурчиновски

Ристе Атанасов

Ментор: Мартин Пушевски