Активирај се | Создадено од вас |

„Младите и дигиталната ера“

feat-img

Живееме во дигитална ера. Децата се раѓаат со смартфон во едната и таблет во другата рака. Денешната мултимедијална култура овозможува уште на мала возраст децата да се едуцираат преку игри и други корисни апликации. Како растат, така се повеќе се „бомбардирани“ со информации, од кои повеќето и не се корисни за нив.

Бесплатниот пристап до информации, како и мноштвото медиуми во интернет-сферата станаа дел од правото на информирање. Проблемите настануваат кога во „морето“ информации, младите не можат да проценат што е релевантен извор на информации- што е вистинита, а што лажна вест. Што е „спин“, а што веродостојна информација.

Е, тогаш на сцена стапува нужноста од медиумска писменост во образовниот систем. Целта на медиумското образование е да ги поттикне младите да мислат со своја глава, критички да пристапуваат кон медиумските содржини,  да станат свесни за својата моќ, а не да се плашат од моќта на другите.

Факт е дека денес, во дигиталната ера, речиси е невозможно да се избегнат огромниот број на информации со кои сме бомбардирани. Тука сме исправени пред изборот, дали да ја примиме или отфрлиме информацијата. Ако ја примиме, тогаш начинот на обработка и филтрирање на информацијата зависи од медиумските вештини коишто ги поседуваме.

Нашиот образовен систем е пред голем предизвик, да го воведе медиумското образование и медиумската писменост како нужна потреба на младите луѓе, или и понатаму да ги остави младите луѓе да бидат лесно манипулирани. Досегашните искуства говорат дека застапеноста на медиумската писменост во образовниот процес е мала. Новинарските секции во училиштата „привидно“ постојат, но активностите не се доволни. Мал исчекор напред е проектот на Високата школа за новинарство и весникот „Нова Македонија“, преку кој младите навлегоа во тајните на новинарството и се запознаа со процесот на креирање вест. Преку посетата на редакциите на медиумите, почувствуваа што значи одговорност, посветеност на вистината и колку многу труд е потребно да се вложи за да се креира квалитетен медиумски продукт. Е, ако веќе некој вложил толкав напор во интерес на вистината, штета е читателот или гледачот да не ја препознае. А за да ја препознае, нужна е критичка перцепција на информациите, која се стекнува преку процесот на медиумско описменување. Така, полека дојдовме до одговорот на клучното прашање поставено неколку реда погоре. Медиумската писменост мора да стане дел од наставните планови, порано или подоцна. Што порано, тоа подобро.

Оливер Арсовски, Професор по филозофија во СОУ „Митко Пенџуклиски“ Кратово