Младите веруваат дека имаат моќ и знаење за да ја сменат лошата состојба во државата
Според пописот од 2002 година, процентот на млади од вкупниот број на население во Македонија е 24 проценти, додека, пак, во 2021 тој процент изнесува 18, што е за 6 проценти повеќе. Проценките се дека околу 77 илјади млади лица ја напуштиле државата и заминале во странство.
Сé почесто слушаме како некој од нашето блиското опкружување се отселил, заминал во странство за подобра работа или на студии. И додека младите овде инвестираат во едукација и усовршување, некоја друга европска држава ги купува како готов производ. Најчеста причина за ова е немањето добри услови кои би овозможиле работни места со соодветна финансиска компензација за младиот едуциран кадар. Тогаш на вистинските позиции би се нашле млади лекари полни со ентузијазам за работа и желба да помогнат, млади некорумпирани правници што сè уште веруваат во правдата, лектори и наставници кои ќе го негуваат македонскиот јазик и меѓу новите генерации, талентирани музичари со академска позадина.
Челичната волја, железни врати отвора
Свесни за сите предизвици и тешкотии на коишто може да наидат, учениците од средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово велат дека љубовта и волјата што ја имаат кон родното место се посилни од сите бариери. Велат дека сè што е потребно е возрасните да им бидат сојузници на патот за да ги остварат нивните соништа, да бидат почитувани и да ја добијат нивната доверба и поддршка. Ученичката Јована Атанасова смета дека доколку би се обединиле сите власти, институции и целиот народ, вистински би дочекале подобро утре.
„Младите се двигател на сè. Тие се силата и еланот. Ние младите сме мотивирани за работа, иако понекогаш гледано од страна изгледа како да сме изолирани во некој наш свет во кој нема место за другите. Сакаме да живееме во нашата земја, да ги градиме своите кариери и семејства тука. Сакаме да ѝ се оддолжиме на нашата земја така што ние ќе направиме нешто за неа, а тоа би го сториле само тогаш кога би останале во неа. За таа цел, сметам дека, општеството – тоа пред сè се нашите учители и повозрасните – треба да се обидат да препознаат кој за што го бидува и да го насочи во правилна насока. Зашто, една земја е силна само кога младите се едуцирани, а за да бидат темелно едуцирани, тие треба да имаат волја да го учат тоа за кое се определиле и воедно да им биде предизвик да ја постигнат поставената цел“, додава Јована.
Не знам во колкава мерка, но нормално дека ние младите можеме да ја промениме лошата состојба во државата, смета и ученичката Кристина Танчева.
„Најпрво, треба да имаме челична волја да останеме тука и да им оддолееме на бескрајните можности што ни ги нудат други земји. Треба да смогнеме, да не речам, донкихотовска храброст и да поитаме во борба со сета малодушност, индолентност, апатија и разочараност. Треба да сфатиме дека не е сè така црно како што секојдневно читаме и слушаме. Мое мислење е дека еден средношколец со сон да стане доктор и визија како да го исполни сонот е многу посилен од пет негативни мислења што ќе ги прочитате на Интернет. А замислете само што може да направат неколку полетни и полни со елан архитекти, правници, јазичари, биолози и сл. Ајде да се опкружиме со што повеќе млади луѓе желни за животни достигнувања и работа. Само така ќе ја смениме лошата состојба“, порачува Кристина.
И ученикот Филип Ѓорѓиевски е согласен со тоа дека младите имаат моќ за да направат промени со помош и поддршка од возрасните.
„Да, можеме. Се разбира со поддршка и од возрасните. И сакаме. Само бараме од нив да не нè ограничуваат. Верувајте, можеме ‘планини да поместиме’ само ако посакаме. Ние сме тие кои носат обнова. Почетокот, секако не е лесен, но сепак на маѓепсаниот круг мора да се стави точка од која сè ќе почнеме“, додава Филип.
Клучниот збор го има политиката
Според комуникологот Бојан Кардалов, клучниот збор во вклучувањето на младите во целокупниот процес на промени, сепак го имаат политичарите и институциите.
„Сведоци сме дека многу пати младите сакале да делуваат и придонесат во промените, но за жал не им бил даден доволен простор или пак едноставно биле етикетирани. Едноставно е потребна рамка во која ќе го најдат својот простор. Не е во ред континуирано да се охрабруваат одредени профили, потребно е да им се даде шанса на сите подеднакво. Во ера во која нема граници, од основно образование е потребно возрасните да ги мотивираат и охрабруваат да останат тука“, објаснува Кордалов.
Според пописот од 2002 година, процентот на млади од вкупниот број на население во Македонија е 24 проценти, додека, пак, во 2021 тој процент изнесува 18 проценти, што е за шест проценти повеќе. Проценките се дека околу 77 илјади млади лица ја напуштиле државата и заминале во странство.
Напишале: Илина Дончева и Ристе Атанасов СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово