Најголем предизвик е брзиот развој на технологијата
Во богатата културно-уметничка манифестација учествуваа ученици од училиштето кои се претставија со хорски настапи, изведба на драмски сцени на македонски и англиски јазик, музички настапи и танцови перформанси.
Во преполната сала на Народниот театар – Гевгелија, учениците, наставниците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ на 26 април го одбележаа својот патронен празник. Честа прв да говори ја имаше директорот на училиштето, Александар Делиџаков. Тој во поздравниот говор до учениците, наставниците и другите вработени во училиштето, како и големиот број гости, истакна дека ова училиште е пример како гордо се стои во чекор со иновативниот воспитно-образовен процес. Во неговата 70- годишна традиција, многу ученици успеале да ги постигнат своите цели, да стекнат знаења, вештини и вредности и така подготвени да се вклучат во градење на денешното општество и да го збогатат со своите таленти и способности.
„Како и секое друго училиште, така и СОУ ‘Јосиф Јосифовски’ има предизвици, но со позитивните искуства од минатото, лесно ги надминува и продолжува со успешното образование на следните генерации ученици. Еден од главните предизвици во денешното време е постојаното менување на технологијата и нејзиниот брз развој. Затоа, нашето училиште го зголемува квалитетот на образование преку професионално развивање на кадарот, ги прифаќа и ги спроведува најновите технологии за да ги подготви учениците да го развијат својот потенцијал за успешна кариера во иднина. Иако училиштето е успешно, секогаш има место за подобрување. Треба да се работи и да се вложува во развивање на стратегии и акции за подобрување на наставниот процес, на вработените и на учениците, како и за инвестирање во образовни технологии и иновации кои можат да го подобрат образованието во нашето училиште. Треба да се биде во тек со најновите трендови и истражувања во образованието и постојано да се инвестира во свое професионално развивање и обучување. Исто така, вклученоста на родителите, заедницата, локалната самоуправа, приватниот бизнис сектор во различни активности се важен дел од успехот на училиштето“, потенцира директорот Делиџаков.
Во богатата културно-уметничка манифестација учествуваа ученици од училиштето кои подготвија хорски настапи, изведба на драмски сцени на македонски и англиски јазик, музички настапи и танцови перформанси, со помош и поддршка од професорите: Илија Атанасов, Даниела Џишева и Александра Ќаева, Андријана Џинова, Кристина Пренда, Емилија Дуганова и Маја Зафирова. Техничката аудио-визуелна обработка беше на Тони Аврамов.
Како што споменавме, СОУ„ Јосиф Јосифовски“ има 70-годишна традиција. Сè започнува во учебната 1945/1946 година, кога во Гевгелија е отворена првата неполна гимназија. На 7 јули 1952 година, со решение на Советот за просвета, наука и култура при Владата на Република Македонија, таа прераснува во Полна (осумкласна) гимназија. За четири месеци, со доброволни акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани, изградена е новата гимназиска зграда во близина на Железничката станица. Свеченото предавање во употреба на оваа зграда е на 28 септември 1952 година со трети, петти и еден шести клас.
Плејада просветни работници, воспитувачи и едукатори ги вложувале и ги вложуваат своите знаења за воспитување и афирмација на образовните вредности на младите генерации од општина Гевгелија. Многу од завршените ученици во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ денес се значајни стручњаци, потврдени личности и афирмирани дејци. За време на своето школување најнадарените ученици се добитници на врвни државни и меѓународни натпревари, постигнувајќи резултати достојни за почит.
Автор: Верица Марковска, ученичка во СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија