Некогаш дел од семејството, а сега оставени на улица: НЕ КУПУВАЈ, ВДОМИ МИЛЕНИК!
Велат, кучето е најдобриот пријател на човекот, но дали човекот е добар пријател на кучето? Несовесното сопствеништво е главна причина за бездомните кучиња кои се проблем скоро секаде низ наша држава. Граѓаните немаат емпатија кон овие животни. Често ги напуштаат, па токму таквите кучиња завршуваат на улица. Луѓето се плашат од овие кучиња, најчесто со причина, бидејќи не знаат дали се опасни.
Дали да се има миленик во денешно време е помодарство или пак вистинска љубов?
Миленик може да има секој, но не секој вистински може да се грижи за него. Преку социјалните мрежи секојдневно сме сведоци на тажни приказни на животни кои што се напуштени од своите сопственици. Несовесните сопственици ги купуваат за забава, а кога ќе пораснат поминува и забавата, па животните завршуваат на улица. Без никаква емпатија се исфрлаат во приградските населби, во напуштени региони, по патишта каде речиси нема минувачи кои што ќе можат да ги видат и да им помогнат.
Зошто е важно да вдомиме куче?
Вдомувањето куче е многу повеќе од само внесување на милениче во вашиот дом – тоа е одлука што го менува животот. Од спасување живот до збогатување на сопствениот, изборот да вдомите куче наместо да купите прави разлика на начини на кои можеби не очекувате.
Од Здружението за заштита на животните Анима Мунди, велат дека со вдомување куче се спасува живот.
„Секоја година, милиони кучиња завршуваат во прифатилиштата поради напуштање, прекумерно размножување или неспособност на сопствениците да се грижат за нив. Со вдомување, му давате втора шанса на животно кое инаку може да се соочи со евтаназија или несреќна смрт на улиците. Вашата одлука не само што спасува еден живот, туку и остава простор за друго животно на кое му треба”, порачуваат од Анима Мунди.
Според нив, купувањето кучиња од нерегистрирани одгледувачници за домашни миленичиња или онлајн извори често поддржува големи капацитети за размножување каде кучињата се чуваат во лоши услови и го става профитот пред благосостојбата. Вдомувањето помага да се намали побарувачката за такви неетички практики.
„Прифатилиштата и здруженијата имаат кучиња од сите раси, големини, возрасти и темпераменти. Без разлика дали барате разиграно кученце, специфична раса или мирно повозрасно куче, вдомувањето нуди опции што ќе одговараат на вашите преференции, додека на заслужното животно му дава дом”, додаваат од Анима Мунди.
Вдомувањето куче често е бесплатно. Прифатилиштата обично вклучуваат вакцинирање, кастрација или стерилизација, па дури и микрочипирање, со што на идните сопственици им заштедува многу пари во почетните трошоци.
Со вдомувањето се избегнуваат превисоките цени на чистокрвните кучиња од одгледувачите.
Исто така, докажано е и дека поседувањето куче позитивно влијае на здравјето – го намалува стресот, крвниот притисок и ја зголемува физичката активност. Кучињата, исто така, обезбедуваат дружење и емоционална поддршка, подобрувајќи ја менталната благосостојба. Едноставно, вдомувањето куче го збогатува животот.
Прашавме неколку средношколци дали би вдомиле миленик и сите одговорија потврдно.
Одговорност и сочувство
Посвојувањето дава моќен пример за децата и за заедницата за важноста на грижата за животните и решавањето на еден голем општествен проблем како што се бездомните животни. Развива сочувство и одговорност. Вдомените кучиња често создаваат длабоки врски со нивните сопственици. Многу сопственици кажуваат дека нивните вдомени кучиња се чини дека „знаат“ дека се спасени и изразуваат благодарност преку наклонетост и лојалност.
Од Анима Мунди советуваат дека посвојувањето куче е важна одлука – не само за животното, туку и за самиот сопственик, за семејството и за светот во целина. Тоа е избор кој носи радост, создава промени и го претставува најдоброто од човештвото
Според последните податоци од ЈП „Лајка“ во октомври 2024 година хуманиот третман го поминале 129 кучиња, 106 од нив биле заловени од нивните тимови, а 23 се донесени од граѓани. Среќно се вдомени 35 кучиња, а 86 се вратени на матичната локација.
Автор: Богоевска Анастасија, ученичка во СУГС “Јосип Броз Тито”