Никола Чекеровски-младиот и надежен велосипедист

Никола Чекеровски е ученик во четврта година, гимназијалец во СОУ „Кочо Рацин”- Свети Николе. Заедно со неговиот брат веќе неколку години активно се занимаваат со велосипедизам и за тој период постигна значајни резултати.
Од кога се занимаваш со велосипедизам?
Со велосипедизам почнав професионално да се занимавам на почетокот на 2022 година како кадет. Оваа година ја завршив мојата трета сезона во која се натпреварував како јуниор.
Како ти се појави желбата?
Желба за велосипедизмот имав уште од најмала возраст и рекреативно се занимавав до пред три години пред да влезам во клуб и да започнам со професионални трки, од тогаш мотивацијата и желбата се на уште повисоко ниво.
Од каде црпиш мотивација?
Пробувам да се потпирам на дисциплина наместо на мотивација. Мотивацијата секој ден може да ни биде на различно ниво поради многу фактори.
Кој ти е најголема поддршка?
Дефинитивно моето семејство, но доколку морам да одберам една личност тоа би бил мојот татко.
Да зборуваме за твоите достигнувања. Какви награди имаш освооено досега?
Тоа се второ место на ранг-листата на планински велосипедизам во 2022 година, трето место на државното првенство за планински велосипедизам во 2022 година, второ место на ранг-листата на Јуниори во 2023 година, државен првак во планински велосипедизам во јуниорска конкуренција, прво место на „Никшиќ Куп“ во Црна Гора XCC и второ место XCO, второ место на државното првенство Хронометар во 2024 година, второ место на државното првество за планински велосипедизам и воедно и второ место во генералниот пласман, потоа, прво место на МТБ Маратон Власотинце, Србија и трето место на „Куп Црна Трава“ во Србија,
Кои се твоите идни планови, дали велосипедизмот го гледаш како твоја кариера?
Дефинитивно може да се изгради успешна кариера во велосипедизмот во меѓународни рамки, па тоа и планирам да го направам.
Која ти е целта или која ти е најголема желба што би сакал да ја постигнеш со велосипедизмот за да можеш да кажеш дека си имал успешна кариера?
Желба ми е да бидам дел од некој светски професионален MTB клуб со кој ќе настапувам на меѓународни трки, а најголема цел ми е да застанам на подиум на светско првенство во планински велосипедизам.
Автор: Ана Наковска, ученичка во трета година СОУ „Кочо Рацин”-Свети Николе