Активирај се | Создадено од вас |

Носталгија по новогодишната честитка – обична хартија, а толку многу драгоцена

feat-img

Еден од главните новогодишни симболи некогаш беа познатите честитки со карактеристични празнични мотиви како Дедо Мраз, новогодишни елки, санки, ирваси и снегулки. Тоа беа среќни времиња, кога секое семејство во поштенските сандачиња добиваше дестици такци честитки со желби за здравје, среќа и успех.

Но, како што изминува времето, се добива впечаток дека традицијата на испраќање новогодишни честитки секоја година полека изумира. Се чини дека убавите времиња со овој начин на изразување позитивни емоции кон другите одамна поминаа. Со масовната употреба на електронските средства за комуникација, празничните пораки полека се заменија со смс – пораки, електронска пошта, пораки на вибер.

„Се ближат новогодишните празници, а со тоа и многубројните честитки кои ги примам и ги испраќам. Се сеќавам на времето кога со моите родители изработувавме честитки кои ги праќавме до нашите најблиски. Тоа го правевме преку пошта. Но, за жал денес живееме во време каде таквите честитки почнаа да ја губат својата значајност. Причина за тоа е брзиот развој на технологијата. Денес ниту добивам ниту праќам такви честитки. Сето тоа оди електронски преку една порака која ја препраќам на сите мои роднини”, искрена е Елена Ристова.

Во денешно време сите заборавивме не само на честитките и блиските луѓе, туку и на убавината која ја носат новогодишните празници. Поради модерниот начин на живеење и многуте обврски, денеска е полесно сето тоа да биде брзо и електронски.

„Со наближувањето на новогодишните празници можам да испраќам дизајнирани електронски честитки. Ги испраќам на мејловите на моите најблиски, кои исто така ми праќаат електронски честитки. Со развојот на технологијата почнав повеќе да ги сакам електронските честитки бидејќи полесно можам да ги правам и испраќам, но исто така можам да ги изработувам во безброј различни дизајни”, признава Петја Капсарова.

Но, и таа ќе се согласи дека чувството не е исто. Честитката е искреност, не толку многу поради зборовите, колку поради фактот дека некој во моментот кога купува мисли на вас и ја бира според чувството за вас.

Особено, денешните генерации не се свесни дека убавината на новогодишните празници е во магијата на споделувањето среќа. Кој е виновникот што честитките се заменети со неколку кликови на телефоните – Интернетот и модерната технологија или ние самите?

Автор: Сара Стамкова, ученичка во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија