Активирај се | Создадено од вас |

Образование?! Абе ајде

Бисера Наумовска, СУГСГ Орце Николов

Често се запрашувам себе си, зошто образовниот систем сака да не прегази, да направи нешто што не сме, зошто да направи да се чувствуваме безвредно.

Како созревам, сфаќам дека не сум задоволна од она што ми се пружа како можност за школување. Барам нешто повеќе, нешто што би можело да ме исполни повеќе од очекуваното, повеќе од секојдневната банална активност. Би можела да пишувам за гимназиското образование, но верувам дека не е поразлично и во останатите училишта во Македонија.

Би почнала со ограничувањето и скратувањето на правото на учениците да изберат изборен предмет кој нив најмногу ги засега и кој треба да го изучуваат во текот на целата година. Зошто креативноста се трга на страна?

Исто така, во секој училиштен предмет во рамки на дозволеното може да се употреби индивидуалната, поразлична замисла на ученикот за време на наставата. Но наместо тоа, професорите се оние кои го водат часот, најчесто со досадни теми, кои не нè засегаат нас.

Друго, образовната програма налага 45 минутно слушање на настава. За време на тој еден школски час, професорот успева да предаде лекција од 7 страни, да испраша неколку ученици и да даде вежби за примена на сè она што сме го научиле истиот тој час.

Имаме 13 предмети. За тромесечие и полугодие во 2-3 недели ни се закажуваат 12 теста и во спат уште неколку испрашувања. И по оние предмети,за кои нема графа за писмена оцена во дневникот, се прават исклучително тестови после секоја завршена тема. Ученик на 16/17 годишна возраст не е во можност психички да постигне да го научи целиот тој материјал, а ниту па временски е во можност да постигне.

Последниве две години често гледам дека се организираат работилници и предавања за придонес на учениците кон формирање на училишната програма и план за работа и промена на образовниот систем. Не можам да кажам дека нивниот заклучок не е ефикасен, но еве, се уште се нема ништо променето, се уште си врвиме по старо.