Образованието е за нас, дозволете да се изјасниме
Една мисла што неодамна ми се вртеше во главата седејќи во школските клупи беше тоа дека ние станавме роботи на образовниот систем. Исто како што сите дискутираат на темата дека технологијата нѐ има направено роботи и дека живееме во виртуелен свет, ние, за жал, стануваме и роботи на образовниот систем.
Наместо од нас училиштето да гради одговорни и совесни граѓани кои во иднина активно ќе бидат вклучени во граѓанскиот сектор и ќе донесуваат важни одлуки во општеството, нас уште од мали нозе нѐ програмираат само да ги следиме инструкциите на другите без да градиме свој критички став.
Во текот на целото школување ние само седиме во клупите и слушаме нечиј глас од другата страна како слепо нѐ води некаде и ни наметнува мислење без да нѐ натера да се запрашаме дали всушност тоа е правилно или не. Во текот на школувањето ние учениците само молчиме и слушаме додека некој зборува. А кога некој од нас ќе се осмели да зборува и доколку има поразличен став, тогаш тој, најчесто од поконзервативните личности, е наречен „арогантен“ (иако има и исклучоци и секоја чест за нив!).
Но ако тие навистина сметаат дека се во право, тогаш зошто аргументирано нѐ ни го докажат тоа? И зошто релацијата професор – ученик мора да се заснова на фактот дека професорот е тој што ни предава знаење и дека него мора бескомпромисно да го следиме, без да негираме што не ни се допаѓа? Зошто да не биде слушнат и нашиот глас, а не само ние да го слушаме нивниот? Тие се оние кои би требало да нѐ изградат како личности и да направат да размислуваме критички. И сметам дека тоа треба да е главната цел на образовниот систем.
И да, нашиот глас воопшто не се слуша. Не се слуша кога нечие предавање или начин на работа не ни се допаѓа. Не се слуша ниту кога одреден проект што почнал да се спроведува во училиштето не ни се допаѓа. Ниту кога сакаме некоја нова промена.
Сметам дека е време тој скептицизам да исчезне. Способни сме да дадеме предлози што ќе го водат образовниот систем напред. Способни сме да размислуваме критички и да кажеме дали нешто е добро или не. На крајот, образованието е за нас учениците. Затоа дозволете да се изјасниме какво образование сакаме!
Марија Цветаноска, трета година во ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид