Од локална промена до решение на глобални проблеми
Дали треба да бидеме отворени кон оние кои се поразлични од нас? Како да изградиме свет без стереотипи и предрасуди? Како да се справиме со глобалните трендови и предизвици?
Ова се дел од темите на кои шест средношколци од Македонија заедно до ученици од Шпанија, Италија, Германија, Русија, Тунис и Латвија дебатираа на младинската размена која се одржа летово во Санкт Петерсбург, Русија. Покрај можност за дебата со луѓе на иста возраст од повеќе делови на светот, учесниците направија и обиколка на градот и посетија голем број знаменитости.
Шесте средношколци од Македонија, сите ученици во скопското училиште „Браќа Миладиновци“, велат дека ваквата размена е одличен тренинг за менување на перспективите. Дискусиите им помогнале да станат поотворени кон оние кои се поразлични од нив.
„Не може да се каже дека нам не ни влијаат финансиските, економските и политичките кризи кои се дел од светот. Токму затоа, младите луѓе треба активно да учествуваат во глобалниот свет, да ги искористат понудените шанси, да ги разрешат дилемите и проблемите, да воспостават комуникација со различни луѓе, да ги прифатат и почитуваат. Тие треба да знаат кои се и да бидат свесни за талентот и способностите кои ги поседуваат“, вели средношколката Христина Најдовска.
Искуството од размената во Русија средношколците го пренесоа и во своето училиште. Темите за самодоверба, толеранција и солидарност станаа редовна практика во работилниците на училиштето „Браќа Миладиновци“, со што овие млади покажуваат дека се подготвени за живот во модерно и мултикултурно општество.
Христина Најдовска IV1, СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје