Активирај се | Создадено од вас |

Од проектна активност, клубот „Јоска“ прераснува во младинско катче

feat-img

Клубот „Јоска“ при средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија опстојува веќе четврта година по ред како проектна активност од областа на литературните клубови и драмските секции. Овој клуб брзо преминува во младински клуб во кој членуваат ученици кои го сакаат убавиот пишан збор, новинарството и работата со и во електронските медиуми. Денес „Јоска“ брои повеќе од 70 ученици, а со него раководи професорот Тони Аврамов.

Отворањето на интернет страницата www.klubjoska.com е последниот подвиг на младите членови кои имаат за цел не само да ги промовираат сопствените ангажмани, туку и да ја стават достапна до јавноста секоја информација што доаѓа од СОУ „Јосиф Јосифовски“. Членовите во клубот работат во повеќе секции, главно поврзани со пишувањето (литературни творби, есеи, новинарски статии) и изработката на видео и аудио материјали.

„Функционираме како тим, а секој индивидуално ја искажува својата креативност. Задолжен сум за мултимедијата на сајтот и се надевам дека и понатаму успешно ќе работиме“, вели Дарио Куциров, член на Клубот.

jockaТие досега имаат учествувано на повеќе натпревари освојувајќи завидни резултати. Филмот „Рукије“, (првопласиран на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ 2012), филмот „Раце“ (второпласиран исто така на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ 2013) беа креација на членовите од клуб „Јоска“. Во 2014 година блогот на Клубот влезе во десетте најдобри на натпреварот „Кажи нешто“, а на Образовното рандеву 2014 во Крушево документарниот филм „Денот кога го запознав човекот“ и еколошката реклама „За љубов на градот“ ги освоија високите петти места.

„Целта на Клубот е да ги промовира идеите на младите луѓе, а со тоа и да се докажува во општественото живеење. Клубот е место за доградување на нашите вредности и отворање нови погледи“, изјави Ангела Арнаудова, членка на клубот.

Во заедничка соработка со драмската група „Дон Кихот“, Клубот реализира промоција на романот „Тринаесеттиот месец“ од Александар Русјаков. За потребите на еко-проектот снимија повеќе видео-рекламни спотови, а во чест на општинскиот празник секоја година ја организираат поетско-музичка вечер „Пееме за Гевгелија“.

Клубот ги започна активностите за оваа учебна година, затоа што членовите добро знаат дека иднината треба да се придобие, а младиот човек треба да ѝ се наметнете со својата инвентивност и креативност.