Половина средни училишта немаат кариерни центри
„Парите што ги собираме од продажбата на средношколскиот весник „Визија“, кој е проект на нашиот Кариерен центар, ги доделуваме на учениците кои немаат доволно пари за големата матурска екскурзија што се одржува во трета година. Минатата година освен што списанието го продававме во училишниот делокруг, со неколку соученици се организиравме и појдовме на плоштад за да продадеме некој број на случајните минувачи и да собереме повеќе пари.“. Вака средношколката Тамара Симјаноска ги опишува активностите на кариерниот центар во гимназијата кадешто учи – „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје.
Центрите за кариера кои пред четири години се отворени во дел од средните училишта низ Македонија треба да им помогнат на учениците професионално да се определат според своите интереси и вештини и да им овоможат полесен пристап до пазарот на трудот преку контакти со работодавачи и компании. Овие центри се составен дел од проектот „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување – YES Мрежа“, кој го спроведува американската владина организација УСАИД и Министерството за образование и наука на Репбулика Македонија (МОН).
„Медиум“ истражуваше како навистина функционираат овие кариерни центри во пракса и зошто сите училишта ја немаат шансата да добијат сопствен кариерен центар.
Со кариерниот центар во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ раководи професорот по Бизнис и претприемништво Ацо Спасевски. Тој вели дека опремата во Центарот е донација од УСАИД, а неговото постоење е на волонтерска база и зависи исклучиво од добрата волја на учениците. „Заедно со учениците, во рамките на Кариерниот центар го подготвуваме средношколското списание „Визија“. Списанието излегува еднаш годишно, а тоа се должи најмногу на финансиите и бројот на учениците кои се вклучуваат за да пишуваат. Некогаш кога наоѓаме дополнителни средства, нормално е дека имаме и повеќе броеви годишно. Тиражот изнесува околу 250 испечатени списанија и се продава по цена од 30 денари“, вели Спасевски. Тој објасни дека кариерниот центар функционира без никаква парична помош, односно дека просторијата каде што функционираат им ја опремиле од УСАИД, а сега сите проекти што ги спроведуваат се на волонтерска база. Единствено за средношколскиот весник им се потребни пари за печатење, но и тие ги обезбедуваат од спонзори.
Ова училиште е едно од 47-те низ земјава кои ја имаат шансата за отварање на кариерен центар. За разлика од нив, 54 средни училишта во Македонија не можат да им ги понудат овие услови за професионален развој и на своите ученици.
Теодора Ристова, матурантка во гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид вели дека ѝ пречи што нејзиното училиште нема кариерен центар. Таа смета дека ваквите центри би требало да ги има во сите училишта затоа што се од голема помош. „Постоењето на кариерен центар во моето училиште би ми помогнало многу за да направам вистински избор на професија. Иако немаме кариерен центар, повеќето од професорите ни стојат на располагање и ни пренесуваат искуства од факултетите што тие ги студирале“, вели Ристова.
Слична е состојбата и во СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани. Училиштето нема кариерен центар, но веќе аплицирало до УСАИД за средства за отворање. Училиштето има обезбедено и простор каде би функционирале. Помошникот директор во ова училиште Тоше Филипов смета дека учениците ќе имаат придобивки од ваквиот центар и полесно ќе ја изберат вистинската професија. Конкурсот за нови кариерни центри е веќе завршен и во наредниот период училиштето треба да добие одговор.
УСАИД најавува и тестови за кариерно соочување
Покрај отворените 47 кариерни центри во земјата, донаторите на проектот на УСАИД најавуваат отворање на уште десет вакви центри во училиштата низ земјава. Директорот на проектот Ѓорѓи Кушевски за „Медиум“ вели дека би сакал секое училиште во Македонија да добие свој центар.
„Проектот располага со сума од 240 илјади долари. Тоа значи дека секое училиште добива по пет илјади долари за кариерните центри, кои се комплетно опремени со материјали, но и со кариерни советници, професори и педагошка и психолошка служба. Овој проект планираме да се спроведе уште во 10 училишта. Засега тоа е она што ние како донација можеме да го понудиме“, изјави Кушевски.
Тој нагласи дека во тек е финализирање и на тестовите кои се подготвуваат за кариерно соочување на средношколците. Тоа значи дека секој средношколец постар од 16 години ќе има можност преку онлајн апликација да направи кариерен тест. Врз база на резултатите од овие тестови, УСАИД смета дека средношколците дополнително ќе можат да утврдат во која област ќе се развива нивната кариера.
Од МОН нема најава за нови кариерни центри
Тоа што УСАИД го генерира како идеја Министерството за образование само го поддржува. Од Секторот за односи со јавноста на МОН добивме потврда дека Министерството е долгогодишен партнер на овој реформски процес. „Интересот од страна на учениците е навистина голем, затоа што добиваат голема поддршка од наставниците и претставниците на педагошко – психолошката служба, кои се обучуваат и сертифицираат од страна на Министерството и УСАИД како кариерни советници кои им помагаат на учениците да одлучат на кој факултет да се запишат и која насока да ја одберат. Тоа се стручни лица кои умеат да ги препознаат афинитетите на секој ученик, да го креираат неговиот профил и преку советување да му помогнат во професионалната ориентација во која предност треба да има неговата желба, интерес и способности за одредена работа.“, стои во дописот на МОН до „Медиум“.
Од Министерството за образование засега нема најава дали во блиска иднина ќе се обезбедат услови за секое училиште да добие свој кариерен центар. Во Македонија има 101 средно училиште, а половината од нив се уште немаат центри за кариерен развој на средношколците.
репортери: Катерина Смилева и Мартин Манасков,
студенти на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста