Постои ли театарската педагогија како занимање во Македонија?
м-р Милош Б. Андоновски, театарски педагог и режисер
Македонскиот средношколски образовен систем, како дел од новиот Наставен план за гимназиско образование, на учениците им нуди усмерување во третата и четвртата година од студиите.
Во зависност од интересот, средношколците – гимназијалци можат да одберат едно од трите подрачја, односно, шестте пакети/комбинации на предмети кои ги слушаат во последните две години од гимназиските студии. Предметот Драмска уметност се нуди токму во едно од овие подрачја, во подрачјето именувано како јазично – уметничко подрачје, во пакетот/комбинацијата Б. Во светот, театарот во образованието се јавува во 1953, а кај нас многу подоцна: во 2001/02.
Што значи да се биде театарски педагог во средно училиште? Пред сѐ, би значело предметот да се преименува во Театарска уметност поради причината што поимот театар е поширок поим и како таков, ја подразбира и вклучува драмата само како посебен тип на литература. Но, театарската уметност е многу повеќе од тоа. Театарот ги подразбира и следниве области и дисциплини: теорија и историја на театар (не само на драма); актерска игра, театарска режија, сценографија, костимографија, маска и шминка.
Еден наставник по театарска уметност освен што предава теоретски, историски и практични аспекти од оваа уметност, всушност, има задача да ги преобрази сите активности од часовите во знаења и вештини кои, пред сè, ќе најдат примена во стварноста на учениците во и надвор од училиштето.
Освен што би можеле да конкурираат со поголеми предзнаења и искуства за идни актери, режисери и драматурзи (а во случај да немаат такви интереси, во најмала рака би станале покомпетентна публика), тие, исто така, би станале посвесни, посовесни и подобри индивидуи.
Практичниот дел од наставата (актерските, режисерските и драматуршките вежби) е многу повеќе од актерски игри, групни подготовки на етиди и драмско пишување/читање. Практичниот дел од наставата, под менторство на наставникот, ги освестува учениците за нивното тело и моторика, држење и став; за нивниот глас, дикција, артикулација, јачина; за нивниот емотивен живот и интелигенција, донесувањето на одлуки и справувањето со агресијата, тагата, радоста итн.; за нивната способност да сочувствуваат; за нивната самодоверба; креативност; развивање на имагинација; критичкото размислување; самоанализата и редица други придобивки.
Токму поради ова, постоењето на Драмските секции во училиштата не е доволно и е многу различно од постоењето на предмет во чии рамки треба да се работи гореспоменатото.
Наставниот план по овој предмет треба да помине низ ревизија и преработка, а кадарот да се дообучи, односно, докфаливикува, а предметот да стане задолжително изборен за сите средношколци: секој ученик да може да избере во која година од своите четиригодишни средношколски студии ќе го слуша предметот. Единствено на тој начин, ќе можеме да зборуваме за вистинско постоење на театарската педагогија како занимање во Македонија.
Фотографија: Иван Момировски